Американскиот државен секретар, Ентони Блинкен, рече дека фотографиите од големиот број Украинци убиени во Буча се ужасни и дека оние што ги извршиле тие убиства ќе одговараат за воени злосторства
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, ги опиша злосторствата во Буча како „ужасни“, истакнувајќи дека „тоа е бруталност кон цивилите каква што не сме виделе во Европа со децении“.
„Ужасно е и апсолутно неприфатливо да се пука во цивили и да се убиваат. И тоа само ја нагласува важноста дека оваа војна мора да заврши“,
изјави Столтенберг за Си-Ен-Ен.
Во однос на повлекувањето на руските сили од Киев, тој рече дека „тоа е повеќе промена на стратегијата“.
„Не смееме да бидеме премногу оптимисти, бидејќи постои оправдан страв од можно зголемување на нападите, особено на југот и на истокот на Украина. Тоа навистина не е повлекување, тоа е повеќе промена на стратегијата“,
рече Столтенберг.
Американскиот државен секретар, Ентони Блинкен, рече дека фотографиите од големиот број Украинци убиени во Буча се ужасни и дека оние што ги извршиле тие убиства ќе одговараат за воени злосторства.
„Не смееме да го нормализираме ова. Ова е реалноста на она што се случува секој ден додека руската бруталност над Украина продолжува“,
изјави Блинкен за Си-Ен-Ен.
Претходно, францускиот претседател, Емануел Макрон, ги опиша фотографиите од Буча како неподносливи. Макрон го сподели своето сочувство со Украинците додавајќи: „Руските власти ќе мора да одговараат за овие злосторства“.
Шефот на германската дипломатија, пак, Аналена Бербок, денеска изјави дека Русија мора да плати за своите, како што рече, „воени злосторства“ во украинскиот град Буча, во форма на построги санкции.
Германскиот канцелар, Олаф Шолц, ги повика меѓународните организации како што е Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) да им биде дозволен пристап до погодените области со цел независно да се документира она што тој го опиша како „ѕверство“.
Фотографии од Буча на својот Фејсбук-профил објави украинскиот претседател, Володимир Зеленски, нарекувајќи ги руските војници убијци и разборници.