Говорејќи на вечерашниот митинг во Гевгелија претседателската кандидатка поддржана од ВМРО-ДПМНЕ рече дека во Уставот има многу проблематични решенија, кои треба да се изменат, но за секоја уставна измена треба добро да се размисли
Мора да имаме уставен патриотизам и мора да ги почитуваме основните одреби од Уставот, порача кандидатката за претседател на државата поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова од вечерашниот централен митинг во Гевгелија, во рамките на нејзината изборна кампања за првиот круг на претседателските избори, закажан за 24 април.

Говорејќи во таа насока, претседателската кандидатка, рече дека тоа особено се однесува на Преамбулата која, како што кажа, е едно мало текстче што му предходи на Уставот, но е неговата философија – македонската уставно правна меморија.
Вие не можете, додаде таа, да менувате факти како оние од АСНОМ или оние како се создавала македонската држава и што се случувало на 8 септември.
„Не можете од тоа да бегате. Никој тоа не го прави. Ако само вие го правите, сите ќе ви се чудат и нема да ве почитуваат“,
порача Силјановска-Давкова.
Претседателската кандидатка поддржана од ВМРО-ДПМНЕ додаде дека сите уставни измени или најголемиот дел од нив досега не се направени заради Македонија како функционална и демократска држава.
Рече дека во Уставот има многу проблематични решенија, кои треба да се изменат, но за секоја уставна измена треба добро да се размисли.
„Треба да се трага по консензус и бидејќи сите сега велат дека треба уставни измени, јас еве да кажам, да, потребни се уставни измени, ама не за преправање на Преамбулата и правење од неа телефонски именик и редење на сите можни соседи, бидејќи тоа никој не го прави, туку за да имаме вистинска поделба на власта, за да ги утврдиме добро ингеренциите, за да утврдиме на пример, како ќе се дава мандатот за состав на влада, бидејќи сме имале проблеми“,
рече Силјановска-Давкова.
Во овој контекст таа рече оти е потребен еден експертски тим кој ќе ги проучи недостатоците на Уставот и не од ден за ден, туку да подготви една поинаква уставна рамка.
„Велат, ние сме биле, односно јас сум велела дека ни треба граѓански устав и со тоа ќе сум ги заборавела Македонците. Местото на Македонците, на создавањето на македонската држава, на растењето на македонската држава, е во Преамбулата. И секој од вас да знае дека покрај сите промени што ги направија спротивно на народната волја има еден член 36, кој вели дека кон сите што се бореле низ историјата за независноста на Македонија оваа држава ќе има посебен однос“,
рече кандидатката за шеф на државата поддржана од ВМРО-ДПМНЕ.

На митингот во Гевгелија говореше и претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој истакна дека на Македонија и треба претседател, а не, како што рече, измеќар на ДУИ.
„Затоа овие избори се и за тоа да си ја вратиме Македонија во рацете на народот. Промените се во ваши раце, за Македонија да биде повторно твоја, повторно ваша. Македонија мора да ја направиме горда. Или тие од власта или народот. Или нивна или наша заедничка“,
порача Мицкоски.
На вечерашниот митинг во Гевгелија говореше и носителот на пратеничката листа во четвртата изборна единица, Александар Николоски, а претходно беше одржан митинг во Валандово, каде кандидатката за претседател Гордана Силјановска Давкова се сретна со поранешениот претседател на држвата Ѓорге Иванов.
