„Страшно ме погоди судбината на Јане Ченто. Зар е можно судбината на неговиот дедо да се повторува во 21 век, во современа Македонија“, рече во оваа насока претседателската кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ
Во името на правдата, етиката и моралот, претседателот на државата потребно е понекогаш да се одважи и да посегне по кочницата наречена помилување. Тоа ќе го направам и честопати го споменувам, особено кога ги имам на ум обвинетите од 27 април.

Ова, на вториот ден од изборната камапања за првиот круг од претседателските избори, од вечерашниот митинг во Струга, го изјави кандидатката поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, најавувајќи дека доколку дојде на позицијата претседател на државата, ќе ги помилува осудените од 27 април.
„Вам, граѓаните, кога некогаш неоправдано ќе се најдете во судот, пред лицето на правдата, односно на неправдата, многу ви е важно дали има шанса од една кочница наречена помилување. Да, помилувањето не е случајно, има долга историска традиција. Го користеле кралеви, кралици, претседатели, ама кај нас мислам дека не се користело кога треба или се злоупотребувало кога не треба. Потребно е во името на правдата, на етиката, на моралот, претседателот понекогаш да се одважи и да посегне по една кочница во однос на судот. Тоа ќе го направам и честопати го спомнувам, особено кога ги имам на ум обвинетите од 27 април. Страшно ме погоди судбината на Јане Ченто. Зар е можно судбината на неговиот дедо да се повторува во 21 век, во современа Македонија. Замислете да бидете обвинети за организирање на тетрористичка закана или за рушење на уставниот поредок на Македонија. Последиците ќе ги чувствувавме до ден денес ако имаше таква закана“,
рече во оваа насока Силјановска-Давкова.
Говорејќи за судството во земјава, претседателската кандидатка поддржана од ВМРО-ДПМНЕ се осврна и на Судскиот совет, кој, како независно судско тело, треба да внимава на квалитетот на работата на судиите. За Судскиот совет рече дека е повеќе политички и партиски одошто независен орган.
„Се сеќавате ли за кого беа врзани сите скандали во ова тело? За претседателката, за потпретседателот, првата беше член на партиската комисија за право на СДСМ, а вториот беше, исто така, член на ДУИ. Наместо театар на апсурдот, наместо граѓаните да имаат страв од таканаречениот Судски совет, кога двајцата претставници на претседателот, на претседателката би биле врв во правната професија, во правната етика, тогаш луѓето би го доживувале судот како бранител на нивните слободи и права“,
додаде Силјановска-Давкова.
Во оваа насока, таа рече дека претставниците во Судскиот совет кои таа како претседател на државата ги номинира во ова тело, ќе бидат врвни правници и, како што додаде, персонификација на правото и правдата, а не на партиската и политичката послушност. Истите квалификации, како што рече, треба да ги имаат и двајцата судии или судијки кои шефот на државата ги номинира во редот на уставните судии.
„Тие треба да бидат врвот во правната професија, да го имаат угледот, да зрачат со достоинство и знаење. Тогаш Македонија ќе биде горда на Уставниот суд којшто во многу држави е еден од најважните фактори на демократизацијата на политичкиот систем“,
порача кандидатката за претседател на државата поддржана од ВМРО-ДПМНЕ на вечерашниот митинг во Струга.