Двајцата универзитетски професори од катедрата на Правниот факултет, Силјановска-Давкова, која е во пензија, но е актуелен пратеник во Собранието, и Спасеновски, поранешен пратеник во парламентот, сега актуелен универзитетски професор, веројатно се дел од листата со 22 имиња за кои партијата го мери рејтингот како потенцијални кандидати за иден претседател на државата
Иако нивните имиња се вртат како можни кандидати на опозицијата, сепак Силјановска-Давкова и Спасеновски имаат различни ставови околу прашањето за уставните измени.
Ставот на Силјановска-Давкова се поклопува со оној на партиското раководство, додека, пак, Спасеновски има поинакви размислувања
Пратеничката и професорка по уставно право Гордана Силјановска-Давкова и поранешниот пратеник и професор по уставно право Александар Спасеновски се две од имињата што во опозициската ВМРО-ДПМНЕ се вртат како можни претседателски кандидати на изборите што треба да се одржат следната година.
Двајцата универзитетски професори од катедрата на Правниот факултет, Силјановска-Давкова, која сега е во пензија, но е актуелен пратеник во Собранието и Спасеновски, поранешен пратеник во парламентот, сега актуелен универзитетски професор, веројатно се дел од листата со 22 имиња за кои партијата го мери рејтингот како потенцијални кандидати за иден претседател на државата.
Засега и двајцата не потврдуваат дали би можеле да влезат во претседателската трка како кандидати на опозицијата.
На Силјановска-Давкова ова би ѝ била втора кандидатура, откако во 2019 годна загуби во претседателската трка од актуелниот шеф на државата Стево Пендаривски.
На Спасеновски, пак, би му бил прв обид да стане претседателски кандидат.
Иако нивните имиња се вртат како можни кандидати на опозицијата, сепак Силјановска-Давкова и Спасеновски имаат различни ставови за иднината на уставните измени.
Ставот на Силјановска-Давкова се поклопува со оној на партиското раководство, додека, пак, Спасеновски има поинакви размислувања.
И на двајцата им е рано јавно да ги кажат амбициите за претседателски кандидат
Во емисијата „360 степени“ на МРТ1, Силјановска-Давкова рече дека размислува околу претседателската кандидатура, но истовремено дека има и многу дилеми.
Решавачки за неа ќе бидат разговорот со семејството, нејзината лична промисла, како и анализата на нејзината улога како пратеничка во Собранието.
„Не можам со сигурност да кажам“, рече таа.
360°: Но, не велите – не?
Силјановска-Давкова: Не велам – не, бидејќи ќе биде неодговорно потоа да ме потсетувате дека сум рекла не. Ама не сум сигурна.
Таа имаше интересен одговор на прашањето – дали знае како стои меѓу 22-цата за кои лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, изјави дека „ги мери“ на анкетите.
Силјановска-Давкова: Нема да ми верувате ни вие ни граѓаните, ама од вас чув како стојам и од уште еден новинар, најслучајно. Јас ниту сум прашала ниту…
360°: Партијата не ги споделува со вас тие резултати?
Силјановска-Давкова: Не. Го оставам тоа.
На прашањето дали ѝ значи тоа што на анкетите, како што велат партиски извори, котира највисоко меѓу потенцијалните кандидати за шеф на државата од ВМРО-ДПМНЕ и дали ќе ѝ биде важно кога ќе ја носи одлуката, таа одговори:
„Не ми значи тоа. Како човек ме допира, се разбира, ако е така. Меѓутоа, за одлуката многу други нешта одлучуваат“,
вели пратеничката.
Силјановска-Давкова рече дека со Мицкоски не разговарале на оваа тема, дека меѓу нив двајца има заемен респект и дека таа никогаш не разговара за нешта во кои треба нешто да иницира или понуди, велејќи дека не сака да врши притисок или да влијае на некои настани.
„Оставам одлуката да биде на тој што треба да иницира“,
рече таа.
На новинарска констатација дека ако повторно биде кандидирана, „тешко ќе може да се продава за независната Силјановска-Давкова“, туку дека кај јавноста се перципира како ВМРО-ДПМНЕ, таа рече дека не мисли така.
И универзитетскиот професор Александар Спасеновски е еден од оние личности за кои се шпекулира дека се во најтесниот круг за избор на кандидат за претседател на државата од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Во гостување во емисија на ТВ21, Спасеновски ниту ја потврди ниту, пак, ја негираше оваа информација.
„Мислам дека е рано за било каков одговор. И натаму постојат голем број непознаници со изборите, со карактерот, дали ќе бидат одвоени, и со оглед дека маглата не е расчистена, многу е рано да дадам одговор. Дали би прифатил? Не би можел да се изјаснам во оваа фаза“,
вели Спасеновски.
Со различни ставови за иднината на уставните измени
Во интервјуто за „360 степени“, пратеничката Гордана Силјановска-Давкова одговара на прашања поврзани со уставните измени и зошто опозицијата не дава „зелено светло“ за нив.
„Ако Македонија не престане да биде држава-преседан, ништо нема да направиме. Никој не сака преседани во своите редови, сакаат стандардни држави. Ние со сиве овие потези не личиме на европските држави членки на ЕУ, туку на држава Франкенштајн која постојано треба да исполнува некакви посебни критериуми“,
вели Силјановска-Давкова.
360°: Ако веќе има шест делови од народи во Преамбулата од Уставот, тогаш зошто да не и седми, осми, деветти…? Што е проблемот?
Гордана Силјановска-Давкова: А ние за секој дел ќе менуваме, ќе правиме именик од Уставот?!
360°: Ако влогот е ЕУ?!
Гордана Силјановска-Давкова: Па не е ЕУ влогот.
360°: Почетокот на преговори за членство во ЕУ е влогот.
Гордана Силјановска-Давкова: Ова не е членство, туку почеток на преговори. Извинете, ама почетокот на преговорите со ЕУ, кога навистина не би бил оптоварен со можност за уште илјада проблеми да се јават врзани за протоколите и преговорите на историски комисии и пазете, како државни историчари, бидејќи под капата на државата работат, тогаш може тоа би било решение. Меѓутоа, вака, сите највисоки бугарски државници велат дека ова е почеток, а впрочем секогаш има и други, и во хрватскиот устав има други и нема сега Хрватите повторно да го менуваат уставот.
Пратеничката рече дека нема потпишано изјава на нотар дека нема да гласа за уставни измени за вметнување на Бугарите во Уставот.
Сепак, ставот на Спасеновски за уставните измени е поинаков од оној на партиското раководство на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, обврската за уставните измени нема да заврши со мандатот на актуелниот состав на Собранието, туку таа обврска ќе биде и за идната влада.
Потенцира дека оваа обврска е тесно поврзана со процесот на евроинтеграциите и е реалност без разлика дали на некој тоа му се допаѓа или не.
„На таквата реалност ќе мора да се прилагодат политичките лидери и партии“,
рече Спасеновски.
Според него, станува збор за исклучително тешка состојба во која се наоѓа државата. Од една страна се легитимните стравувања на граѓаните поврзанни со барањата кои би можеле да дојдат од офцијална Софија по усвојувањето на уставните измени, а од друга страна исполнувањето на стратешката цел за интеграција во ЕУ.
– Стравовите на граѓаните се сосема легитимни. Бугарија не е идеален сосед од скандинавски тип. Ние си имаме работа со политика на отворена конфронтација кон Репубика Македонија и постојано создавање на проблеми од страна Софија кон Скопје. Но, од друга страна имаме многу важна национална и државна цел – интегрирање во ЕУ. Не можеме да си дозволиме луксуз и на неодреденио време да го прекинеме процесот на евроинтеграции, бидејќи тоа е една од најважните национални и државни цели. Заради тоа, како мала држава која е упатена на соработка и својата политичка сила ја црпи од сојузништвата кои ги гради, сметам дека се многу важни досегашните гестови на поддршка за надминување на стравовите на граѓаните од сојузниците САД, СР Германија и ЕК,
изјави Спасеновски.
На списокот на ВМРО-ДПМНЕ се „мерат“ 22 имиња за потенцијален претседателски кандидат
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на прашањето дали е почната внатрепартиска постапка за избор за кандидат за претседател, рече дека кој ќе биде нивниот фаворит официјално ќе биде познато на почетокот на следната година.
„Официјална постапка ќе биде на почетокот на месец јануари затоа што очекувам дека некаде втората половина на март, првата половина на април или, пак, во април е редовниот рок кога би се случувале тие претседателски избори. Ние сега се наоѓаме на помалку од 100 дена од почеток на кампања. Инаку, официјалниот дел во ВМРО-ДПМНЕ, партиската конвенција за избор на претседателски кандидат би се случувала некаде крајот на јануари, почетокот на февруари, и тогаш веќе би имале појасна слика“,
изјави Мицкоски.
Рече и дека неофицијално во ВМРО-ДПМНЕ се „мерат“ многу имиња, како и дека во партијата дошле многумина кои изразиле желба да бидат поддржани од партијата за претседателски кандидат.
Според Мицкоски, досега се искристализирале 22 имиња, но во периодот што следува тој список ќе биде намален.
„Десетици имаше такви. Некаде околу 22 имиња се искристализираа во таа постапка за мерење. Тоа го правиме веќе неколку месеци. Тој список ќе биде намален во периодот што следи и очекуваме да имаме јасна претстава кој кандидат ќе биде идниот претседател на Македонија, бидејќи јас сум убеден, а тоа го говори и јавното мислење, дека претседателскиот кандидат кој ќе биде поддржан од ВМРО-ДПМНЕ во однос на претседателскиот кандидат на СДСМ во првиот круг ќе има најмалку 100 000 гласа предност“,
рече Мицкоски.
Остануваат уште неколку месеци до распишување на изборите за претседател на државата, а партиите сè уште јавно не излегоа со свои кандидати кој сè ќе учествува во трката.