„Невозможно е и Спасовски и Битиќи да бидат 1. Тоа е непознат феномен. Аман од нивните импровизации. Секоја листа има по 20 кандидати. Невозможно е тогаш 1 да биде 2 и 2 да биде 1. Тоа се Франкенштајн комбинации“, вели претседателската кандидатка поддршана од ВМРО-ДПМНЕ
Што е она што го прави специфичен овој натрпевар со седум кандидати, праша на почетокот на својот говор на митингот во Делчево, претседателската кандидатка поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова.
Тоа според неа е баукот на незнаењето, примитивизмот, неодговорноста, јавашлукот, непочитувањето на националните и државните интереси кое, како што рече кружи низ Македонија.

„И баукот на нарцизмот, самомендисани луѓе нарциси не градат единство, туку предизвикуваат поделби и раздор и постојано тврдат јас, па јас. Нарцисите во политиката не се плодни. Имајте го тоа во предвид“,
им порача таа на жителите на Делчево.
Според неа, потребно е да се стави крај на сопствеништвото на Македонија, на државата, на институцијата, посочи и дека мора да се депривитизара политиката од ликови кои ја употребуваат за сопствени цели.
„Институциите се државна сопственост, не можете да ги користите во политички цели. Не можете да снимате спотови во институциите и да славите родендени во институциите, не можете да ги фамилијаризирате институциите“,
рече таа.
Силјановска-Давкова за противниците од СДСМ рече дека „велат дека се европјани и миротворци“, но им порача дека се станува Европјанин со музика и рецитирање.
„Европјани се оние кои водат сметка за правна држава, дека сувереноста се граѓаните, кои се борат за компетититивно европско образование, кои се грижат за здравството. А овие дури ни за правото за живот, а дојдоа на крилјата на пораката дека носат живот. Она со Онкологија не беше живот, тоа беше закана по животот, а причината беа тие“,
вели таа.
За Силјановска-Давкова далеку од умот е тоа што ги обвнинуваат, како што рече, дека имаат и манифестираат антиалбанско расположение.
„Против ДУИ сме, односно против оние од ДУИ кои посегнаа по целосна корупција и криминал. Ама албанскиот народ и граѓани се добредојдени и за соработка и за соживот. Ова важи и за сите други“,
рече таа.
Смета дека претседателот целосно неодговорно се однесувал во дипломатијата.
„Не смееше да ги прати, доколку не се појавија пред Собранието. А не се појавија таму и покрај законската должност. Предупредуваа за безбедност и закани. Ама ништо не сторија за безбедноста и заканите. Зборувам и за тероризам и за еколошките закани“, рече таа.
Никогаш не велам ве молам гласајте за мене, вели Силјановска-Давкова, зашто тоа не и е пријатно, ниту, пак не вели дека таа е таа што ги има сите решенија.
„Политиката бара тимска и одговорна работа. Политиката бара способност за компромис, за почит и за градење единство. Надвор никој нема да не почитува ако немаме преку единство донесени одлуки. Иако сме мали, надвор мораме во еден глас да зборуваме и никогаш да не заборавиме дека не сме таму заради своите кариери, туку заради одбрана на националните интереси“,
вели таа.
Она што важи за членките на Европската Унија и за сите кандидати, според неа, мора да важи и за Македонија.
Забележала одејќи накај Делчево дека на еден билборд како двајца кандидати од СДСМ се запишани под бројот еден.
„Невозможно е и Спасовски и Битиќи да бидат 1. Тоа е непознат феномен. Аман од нивните импровизации. Секоја листа има по 20 кандидати. Невозможно е тогаш 1 да биде 2 и 2 да биде 1. Тоа се Франкенштајн комбинации. Да не дозволуваме од Македонија да прават Франкенштајн. Нека стане Македонија пристојно место, слично на европските. Тие се непристојни. Треба да си одат“,
рече Силјановска-Давкова.