Време е за модерно Карпошово востание, рече во Карпош носителката на листата на ВМРО-ДПМНЕ во првата ИЕ, оценувајќи дека во 21 век не се зборува за револуција со оружје, туку со умот. Од друга страна, таа рече и дека е време да го возобновиме европското во нас
Кодот на историското ВМРО се уште постои во секој честит граѓанин кој си ја сака државата, според носителката на листата на ВМРО-ДПМНЕ во првата изборна единица Гордана Силјановска – Давкова. Таа денеска, во Карпош, истакна дека граѓаните имаат шанса да ги исправат сите неправди што им ги нанел СДСМ.
„Имаме шанса да се исправиме зашто се уште сме живи, односно народот е жив и, како што денеска веќе реков, нешто чудно се случува со нашиот генетски код. Ми се чини дека неколкупати се повторува следнов: одеднаш, без оглед на генерацијата, без оглед на професијата, без оглед на идеологијата, се јавува или се буди кодот на ВМРО – на Внатрешната македонска револуционерна организација“,
рече Силјаноска.
Таа потенцираше дека ВМРО – ДПМНЕ, со своите проекти и ветувања, ќе донесе целосна трансформација на општеството од недемократско во демократско и дека идеите, работата и креативноста ќе бидат императив во обновување на државата.
„Ако велиме ВМРО во 21 век не мислиме на оружје, ама мислиме на вистинска револуција на умот, вистинска револуција на владеењето од недемократско во демократско. Време е за модерно Карпошово востание“, „
рече Силјаноска.
Таа им порача на граѓаните дека на 15 јули мора да се стави крај на катастрофалното владеење на СДСМ и Македонија да стане стабилна држава со развиена економија, со владеење на правото и со процедури утврдени со Уставот и законот.
„На 15 јули, треба да ставиме крај на уникатниот политички систем, на уникатниот јазичен модел, на уникатната демократија, на оригиналната политичка култура и да си го откриеме, да си го исправиме да си го вобозновиме европското во нас. Македонија мора да стане стабилна држава со стабилни институции наместо со пресилни поединци. Моќта мора да се дисперзира на трите власти наместо да се концентрира како што се сега во една личност и во камарилата обожаватели околу него. Мора да се потпре на костурот владеење на правото, за да не стрепат граѓаните кога ќе дојде до промена на власта и за да може државата да функционира по процедури утврдени со Уставот и законите“,
дополни Силјаноска- Давкова.