Според пишувањата на хрватските медиуми, во текот на ноќта и утринава во Загреб дува силен ветер и има паднати дрвја, оштетувања на покривите и расфрлани ќерамиди, гранки и делови од огради на патиштата, додека некои семафори се нефункционални или навалени

Највисокото, црвено временско предупредување е во сила во регионите на Загреб, Риека и Госпиќ и во Велебитскиот канал, додека портокалово-жолто временско предупредување е во сила во сите други региони поради опасни временски услови, првенствено поради силни ветрови и обилни врнежи од дожд.
За денеска хрватскиот Државен хидрометеоролошки завод (ДХМЗ) најавува претежно облачно и многу ветровито време, со локално обилни врнежи од дожд и снег во внатрешноста.
Врнежи од снег се најавуваат на повисоките делови, а во Далмација се можни врнежи од дожд со грмотевици.
Од ДХМЗ велат дека ќе дуваат умерени до силни, а локално и урагански ветрови од север и североисток и поради тоа е издадено црвено предупредување за регионите на Загреб и Риека.
Силен до бурен северен ветер ќе дува низ поголемиот дел од Јадранското Море.
Според пишувањата на хрватските медиуми, во текот на ноќта и утринава во Загреб дува силен ветер и има паднати дрвја, оштетувања на покривите и расфрлани ќерамиди, гранки и делови од огради на патиштата, додека некои семафори се нефункционални или навалени.
Поради бројните проблеми предизвикани од силните ветрови, Градот Загреб објави одлука за прекин на наставата.
„Поради опасните временски услови предизвикани од бурни ветрови со налети со сила на ураган, а со цел да се заштити безбедноста на учениците во сообраќајот, денес нема да се одржуваат часови во основните и средните училишта во Загреб. Одлуката ја донесоа Градот Загреб и Министерството за наука, образование и млади“,
соопшти Градот.
Прекини се регистрирани и во јавниот превоз, каде што некои трамвајски и автобуски линии не работат или работат на заобиколни патишта поради пречки на патиштата, а службите за итни случаи се на терен. Снежни врнежи се регистрирани и во повисоките делови на Загреб.
