Коментарот на претседателката се однесува на наводите на шефот на бугарската дипломатија Георг Георгиев со кои тој ја оцени за непотребна провокација неодамна поднесената иницијатива до Уставниот суд во земјава за оцена на уставноста и законитоста на Протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија
Непријатно ми е да коментирам вакви изјави, како што е непријатно да се даваат коментари за работа на уставен суд. Ова денеска го изјави претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова прашана да го коментира писмото што шефот на бугарската дипломатија Георг Георгиев го испрати до своите колеги министри од ЕУ.

Сиљановска-Давкова конкретно беше прашана да ги коментира наводите на Георгиев со кои тој ја оцени за непотребна провокација неодамна поднесената иницијатива до Уставниот суд во земјава за оцена на уставноста и законитоста на Протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија.
„Уставните судови се надвор од поделбата на власта внатре во државата, а сигурно не се под јурисдикција на соседни политичари. Ако некој покренал постапка во Уставниот суд, судот ќе реши дали има основа за негово проследување, а одлуките на уставните судови и во Бугарија и во Македонија се конечни, извршни и не се коментираат“,
изјави Сиљановска-Давкова одговарајќи новинарски прашања.
Изјавата на претседателката се однесува на писмото што шефот на бугарската дипломатија Георг Георгиев го испратил до министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ во кое изразил загриженост за, како што вели, континуираното одбивање на Северна Македонија да го спроведе Договорот со Бугарија и да ги исполни своите обврски, донесени на ниво на Унијата.
Во писмото тој дополнително ја оцени за непотребна провокација неодамна поднесената иницијатива до Уставниот суд на земјава за оцена на уставноста и законитоста на Протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија од 17 јули 2022 година во Софија.