Според неа, по она што земјава го направила за европската интеграција, заслужува да влезе во групата држави со кои ќе се разговара за сегашниот начин на влегување во Европската Унија или евентуално за некакви модалитети при членството
Прашана за коментар на пораката на Вајц дека земјава треба да го искористи позитивниот момент во ЕУ за проширувањето и да ги донесе уставните измени, Сиљановска-Давкова на заедничката прес-конференција со својот албански колега Бајрам Бегај низ насмевка рече дека нашиот став е дека се неопходни гаранции дека нема, како што кажа, повторно да се појави нов многу погоден момент и уште едно барање за уставни измени
Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова денеска потврди дека и таа е запознаена со идеите што се дискутирале во Брисел за забрзано пристапување на Украина во Европската Унија (ЕУ), заедно со Црна Гора, Албанија и Северна Македонија, но без право на глас, а кои неодамна во телевизиско интервју ги откри премиерот Христијан Мицкоски.
Но, како што вели таа, не може да ги коментира, сè додека тие не дојдат на маса како официјален предлог. Во тој контекст таа се осврна на актуелниот начин на кој се носат важните одлуки во Европската Унија, а тоа е со консензус бидејќи земјите членки имаат право на вето.

„Да, сум ги чула, сум ги видела, не само од високи политичари на Европската Унија, туку и од претставници на различни тинк-тенкови. Сегашната состојба е таа, според актите на Европската Унија, членките имаат и статус, имаат право на вето, важни одлуки се носат со консензус, значи кога ќе се најде на маса ваков предлог, јас само слушам дека има, но кога ќе има предлог тогаш ќе размислувам или ќе одговорам на него“,
рече претседателката одговарајќи на новинарско прашање на заедничката прес-конференција со својот албански колега Бајрам Бегај кој е во официјална посета на земјава.
Според неа, по она што земјава го направила за европската интеграција, заслужува да влезе во групата држави со кои ќе се разговара за сегашниот начин на влегување во Европската Унија или евентуално за некакви модалитети при членството.
„Тогаш, се разбира, ќе го анализираме предлогот, оти вака не е многу сериозно да кажам што мислам. Сакам да видам на што се однесува, што означува, што можеме да очекуваме, па тогаш ќе ви одговорам“,
додаде Сиљановска-Давкова.
На ова прашање во интервју за „360 степени“ емитувано вчера говореше и европарламентарецот и известувач за С Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, кој рече дека има дискусии во Брисел кои се поврзани со изнаоѓањето начин за ставање крај на војната во Украина.
Прашан колку според него забрзаното членство на Украина во ЕУ, заедно со трите земји од Западен Балкан, е остварливо, Вајц вели:
„Па, ако има каква било промена во методологијата и ако има каква било, да речеме, забрзана постапка, за која се разговара… има дискусии за тоа зашто, знаете, треба да најдеме начини да ставиме крај на оваа војна на Путинова Русија против Украина. Треба да најдеме начини да испорачаме безбедносни гаранции за Украина. И да, има преговори кои вклучуваат и, знаете, прашања за европската интеграција. Но, ако дојде до промена во методологијата, тогаш ќе има промена за сите земји, не само за Украина. И ако постои можност да се забрза процесот, тоа ќе биде можно за сите земји. Но, она што сигурно е основен услов е т.н. ИБАР (IBAR), преодните одредници за владеењето на правото. Значи, стандардите за владеење на правото треба да бидат на ниво што е прифатливо за нашата заедничка Европска Унија бидејќи тоа е основата на која работиме заедно. Ова е основата на која функционира нашиот пазар“.
Инаку, Сиљановска-Давкова на прес-конференцијата беше прашана и за став во врска со пораката на Вајц при претставувањето на извештајот за С Македонија во Европскиот парламент вчера – дека земјава треба да го искористи позитивниот момент во ЕУ за проширувањето и да ги донесе уставните измени.
Во овој контекст, претседателката рече дека ја слушнала пораката, но додаде дека и таа има меморија и оти многу пати слушнала за вакви моменти што треба да се искористат. Според неа, од својата позиција таа не може да дава совети дали и кога треба да се усвојат уставните измени, бидејќи, според Уставот, тоа е задача на пратениците во Собранието кои гласаат според сопствено уверување. Надоврзувајќи се во таа смисла, Сиљановска-Давкова, низ насмевка рече дека нашиот став е дека се неопходни гаранции дека нема, како што кажа, повторно да се појави нов многу погоден момент и уште едно барање за уставни измени.
„Освен тоа ќе го повторам она што повеќепати сум го кажала – ние сме рекордери во уставни измени. Исто така, и овој пат се бара уставна измена. Се разбира нашиот став е за неопходноста од нужноста од гаранции дека нема повторно да се појави нов многу погоден момент и уште едно барање за уставни измени. Ништо не би имала против уставни измени доколку навистина се врзани за Копенхашките критериуми или ако сакате во случајов за надминување на дискриминација и за гарантирање на малцински права. Македонскиот Устав влегува го категоријата на устави со силни гаранции на малцинските права, што не е случај со многу други устави, па можеби и со најголемиот број устави на земји што се членки на Европската Унија. Значи тоа е мојот коментар“,
изјави таа.
Прашањето за забрзан влез во Европската Унија, но без право на глас беше упатено и до претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, кој во таа смисла рече дека не може да коментира изјави што се однесуваат на нонпејпр кој е претставен од некој поединец.

Она што може да го каже, рече, е дека географски и според вредностите, Албанија и С Македонија припаѓаат во Европската Унија, и затоа, како што оцени, треба да има поафирмативни пораки во таа насока. Говорејќи во таа насока, Бегај кажа оти се согласува со изјавата на германскиот канцелар Фридриг Мерц дека за неколку месеци ќе има поинаков пристап што се однесува до проширувањето.
„И верувам дека ваквата стратегија е важна за земјите од Западен Балкан и за поддршката од страна на државите на Европската Унија. Јас секогаш велам дека ова е процес од кој корист имаат двете страни – и Европската Унија и земјите од Западен Балкан“,
рече Бегај, додавајќи дека и Македонија и Албанија сто отсто ја имаат усогласено надворешната и безбедносната политика со онаа на Европската Унија.
Бегај рече дека и двете земји го прифатиле процесот на пристапување, но оти тој не треба да биде бескраен, туку треба да има одредени рокови.
„Се разбира дека ние многу добро ќе ги завршиме домашните работи кои се однесуваат на реформите, а овие реформи се значајни не само за зачленувањето туку и за нас“,
додаде тој.
