Говорејќи во истиот контекст, Сиљановска-Давкова рече оти ја чуди и тезата на поранешниот министер за надворешни работи и потпретседател на ДУИ, Бујар Османи дека предвремени парламентарни избори заедно со локалните ќе обезбедат четиригодишен мир
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова вели дека не го разбира потегот на министерот за здравство во оставка и лидер на едното крило на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари да излезе од Владата.

„Да бидам искрена ова што го направи јас не го разбирам. Сите ние понекогаш менуваме став, ама ова навистина да не знаете кој е ставот и зошто е, е крајно невообичаено. Јас ги паметам дискусиите во парламентот за Раскољников точно од една партија, па потоа Раскољников стана некој којшто може да се толерира. Значи не мислам дека се во право ДУИ кога вака зборуваат, но некогаш кога ќе тргне лавината или топката да се тркала таа добива некои чудовишни димензии“,
рече таа во вечерашното интервју за емисијата „Вин-вин“ на ТВ Телма.
Говорејќи во истиот контекст, Сиљановска-Давкова рече оти ја чуди и тезата на поранешниот министер за надворешни работи и потпретседател на ДУИ, Бујар Османи дека предвремени парламентарни избори заедно со локалните ќе обезбедат четиригодишен мир.
„Мене ме чуди една теза што ја чув, вака вели поранешниот министер за надворешни работи: ‘Сега ако излеземе на парламентарни избори заедно со локалните тоа ќе ни обезбеди четиригодишен мир’. Ништо не разбирам. Како тоа? Значи ако е ДУИ внатре загарантирано четири години мора да се биде, а сега, па реформски агенди, тоа е неверојатна теза. Тезата е нелогична“,
кажа претседателката на државата.
Поранешниот шеф на дипломатијата и потпретседател на ДУИ, Бујар Османи неодамна изјави дека доколку Северна Македонија годинава одржи предвремени парламентарни избори, тогаш ќе го отвориме нашиот прв четиригодишен реформски прозорец кон Европската Унија во последните две децении.
Што се однесува до Арбен Таравари, тој денеска и формално ја депонира својата оставка од функцијата министер за здравство до премиерот Христијан Мицкоски.
„Одлуката ја донесувам по внимателна лична и професионална проценка, уверувајќи дека овој чекор е во најдобар интерес и за институцијата и за моите лични принципи. Ви благодарам за довербата и можноста да бидам дел од Владата во еден исклучително значаен период за здравствениот систем“,
се вели во оставката од Таравари испратена до премиерот.
Оставката на Таравари доаѓа како резултат на одлуката на крилото на Алијанса за Албанците со кое тој раководи да ја напушти владината коалиција и да замине во опозиција, донесена во понеделникот.