Денеска ќе присуствува на молебенот во чест на Свети Кирил во базиликата „Сан Клементе“
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од денеска ќе престојува во Италија и Ватикан по повод чествувањето на денот на сесловенските просветители Светите браќа Кирил и Методиј.

Таа ја предводи македонската државно-црковна делегација по повод манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил“.
Денеска ќе присуствува на молебенот во чест на Свети Кирил во базиликата „Сан Клементе“.
Утре претседателката ќе ја посети базиликата „Санта Марија Маџоре“, каде што ќе положи венец на спомен-плочата на македонски јазик во чест на делото на светите браќа Кирил и Методиј и ќе го посети гробот на папата Франциск.
Вечерта, во рамки на манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил“, ќе присуствува на концертот „Македонисимо“ на Симон Трпчески, настан во организација на македонското Министерство за култура.
В понеделник, во Апостолската палата, претседателката ќе има аудиенција кај поглаварот на Римокатоличката црква, папата Лав XIV и ќе оствари средба со државниот секретар на Светиот Престол, кардиналот Пјетро Паролин.
Сиљановска-Давкова потоа во Рим ќе има билатерална средба со претседателот на Италијанската Република, Серџо Матарела.
Поклонението на гробот на Свети Кирил во Рим е централниот настан во чествувањето на Денот на просветителите Кирил и Методиј. Првпат е организирано во 1969 година за 1100 години од смртта на Свети Кирил и оттогаш секоја година на 24 мај се одбележува со највисоки почести од црковно-државна делегација.