Претседателката на државата ова го кажа одговарајќи на прашање од публиката на денешната панел-дискусија во рамките на осмиот Париски мировен форум, а кое се однесуваше на ветото од Бугарија и каква гаранција може Македонија да очекува во насока на тоа дека земја членка на ЕУ нема да го стори истото од билатерални причини во иднина
„Младите и процесот на интеграција во Европската Унија“. Ова е темата на која говореше претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова на посебниот панел, насловен „Важноста на регионалната соработка на Балканот за идните генерации“, а во рамките на осмиот Париски мировен форум.

Модератор на панел-дискусијата беше Мишел Дикло од „Институтот Монтејн“.
Одговарајќи на прашањето зошто ја избрала токму оваа тема, Сиљановска-Давкова се наврати на, како што кажа, нејзиното неодамнешно предавање на Универзитетот „Колумбија“ насловено „Маратонот на Западен Балкан кон Брисел или чекајќи го Годо“, посочувајќи оти е добро познато дека Балканот отсекогаш бил дел од Европа, не само географски, туку и историски и културно, и дека поделбата на Исток и Запад ја смета за вештачка.
„Мислам дека денес ова е сосема нормален предизвик за оние во семејството на ЕУ да нè прифатат назад во нашиот дом и затоа интеграцијата ја нарекувам реинтеграција или повторно обединување. Тоа е толку нормално и го сметам тој политички влез во ЕУ за круна, и затоа не ги заведував моите студенти учејќи ги, можеби не знам, повеќе од 30 години, за инспиративниот, sui generis политички систем на ЕУ, не на држава, туку и верував во тоа. Имено, она во што верувам се Копенхагенските критериуми и она во што верувам е владеењето на правото наместо владеењето на човекот“,
кажа Сиљановска-Давкова.
Во таа насока, таа направи историски осврт на случувањата на Балканот во изминатите три децении и интеграцијата во ЕУ на државите кои произлегоа од поранешната Југословенска Федерација и другите држави од регионот.
Сиљановска-Давкова говореше и за синтагмата „Западен Балкан“, за која рече дека навистина не знае што значи бидејќи прво, во 2000 година, регионот се „дефинираше како поранешни југословенски држави коишто не беа дел од НАТО и од ЕУ“.
„Потоа, кога Словенија влезе во ЕУ, можете ли да замислите промена на географијата? Минус Словенија, плус Албанија, потоа минус Хрватска плус Косово и денес не знам што значи, веројатно Вие знаете подобро од мене, како експерт за геополитика, а јас ја сметав и сè уште ја сметам за периферија на периферијата на Европа. Но, кога велам дека припаѓаме на Европа, го имам на ум дури и името. Европа, малата Европа е од овој регион, од Балканскиот Регион, и беше киднапирана од Зевс, како што знаете, кој беше трансформиран во бик. Значи, нормално, мислам дека бевме и би сакале да бидеме во ЕУ. Но, мојата земја стана, или доби, или ѝ беше даден статус на кандидат во 2005 година. Значи, бебињата сега се 20-годишни студенти, мои студенти и сè уште чекаат одговор на нашето основно прашање. Заглавени сме, сме во прокрустов кревет, ние сме, не знам што, пред вратата на Брисел и навистина многу политичари би сакале или не би сакале, да звучам многу како поетите коишто велат дека ЕУ е недовршена симфонија без Западен Балкан или дека е Ахилова пета. Но, јас сум во Париз и не очекувам на оваа конференција Ахил да биде погоден од Парис како што беше во митологијата“,
рече претседателката на државата.
За младите од земјите во регионот на Западен Балкан, претседателката рече дека тие не се или не персонифицираат бунтовници без причина, туку бунтовници со причина, кои себеси се перципираат како Европејци.
Но, за жал, додаде таа, сите овие 30 години се соочуваме со егзодус, односно најпаметните и најдобрите студенти заминуваат од Западен Балкан.
„Можеби една третина од населението го напушти Западен Балкан. Зошто? Водени од мотото ubi bene, ibi patria. Ако е подобро во Франција, тие се подготвени да одат во Франција. Тоа е една од причините“,
рече Сиљановска-Давкова посочувајќи притоа на слабостите низ кои поминaа државите од регионот, мeѓу кои и земјава, почнувајќи од партитократијата, корупцијата, кризата на лидерите.
Меритократијата, како што кажа таа, беше нешто заборавено.
„Се појави расипан систем“,
додаде таа.
Она што е потребно, рече таа, е меритократија, а не расипан систем, затоа што во вториот случај најдобрите студенти ја напуштаат државата, а посветените војници на партиските лидери ги заземаат најважните позиции.
Таа посочи дека кај младите веќе е изгубена надежта, што секогаш умира последна или никогаш не умира, а причината за тоа е чекањето земјата да стане членка на Европската Унија и двојните стандарди.
„Тоа е обесхрабрувачко за нив. А, можете ли да замислите, во моментов видов некои податоци, 40, повеќе од 45 проценти од младите македонски лица мислат дека никогаш нема да станеме членка на ЕУ. 48 проценти. Но, ако го споредите ова со 1990-тите, тогаш процентот беше поголем. Зошто? Поради двојните стандарди“,
рече претседателката на државата.

На прашањето од модераторот Дикло, што според неа е потребно за да се деблокира сегашниот ќор-сокак, Сиљановска-Давкова посочи на основачките документи на Европската Унија и темелните вредности и принципи на кои почива таа, а кои, како што кажа, многу пати сме се соочиле со нивно кршење од страна на некои нејзини членки.
Нејзиниот предлог или препорака секогаш, како што кажа, е да се обидеме да бидеме малку повеќе како Скандинавците.
„Бидејќи Шведска, Норвешка и Финска дадоа толку силна поддршка за балтичките држави, па затоа сум навистина изненадена. Очекувам разбирање од соседите и поддршка од членките, но тоа не се случува. Значи, веќе споменав двојни стандарди. Мислам дека ЕУ мора да ги потсети членките на Копенхагенските критериуми бидејќи тоа е она што ни треба мене, на моите студенти, на младите ‒ владеење на правото, поделба на власта, независно судство, процес на донесување одлуки во силни институции, партиципативна политичка култура, либерална економија. Тоа се принципи што нам ни се очајно потребни. Но, користењето на членството во ЕУ за ревидирање на историјата е спротивно и на основните правила, основните принципи и вредности на ЕУ, но и на нашите устави, и тоа е спротивно на Повелбата на ООН, а исто така и на основните документи на ООН“,
рече таа.
На крајот таа доби едно прашање од публиката, кое се однесуваше на ветото од Бугарија за почеток на преговорите за влез во ЕУ и каква гаранција може земјава да очекува дека земја членка на ЕУ нема да го стори истото од билатерални причини во иднина.
Во одговорот Сиљановска-Давкова фокусот го стави на Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство и добрососедски односи со Бугарија од 2017 година и промените на Уставот што прво се бараа за влез на Македонија во НАТО, и оние што се бараат за почеток на преговорите со ЕУ.
Посочувајќи на конкретни членови од двата договори, Сиљановска-Давкова одговорот го заокружи со позицијата дека во Договорот со Бугарија нема член кој упатува на промена на Уставот.
„Сите нè потсетуваат на pacta sunt servanda, дека навистина мора да ги почитуваме двата договора. Дозволете ми да ви кажам нешто. Постои член 7 во Преспанскиот договор кој вели: терминот Македонија за втората страна, безимена страна, значи територија, народ со сопствена историја, култура и јазик. А сега мора да разговараме со Бугарија за нашата историја, култура и јазик. Немам одговор, навистина. Доколку постои Договор за добрососедство и пријателство, ве молам обидете се да го проверите овој Договор за добрососедски односи и пријателство. Нема член за промена на Уставот, но сега мора да го промениме Уставот. И замислете, ова барање е вклучено во Преговарачката рамка и во заклучоците за нас. Значи, навистина, како да кажам, in dubio res“,
подвлече претседателката на панел-дискусијата.
Целата панел-дискусија може да ја погледнете во видеото подолу или да го прочитате транскриптот на македонски јазик на следниот линк.
