Претседателката истакна дека Западниот Балкан не е никаков проблем за апсорбциониот капацитет на Унијата
Време е за храбар ЕУ исчекор по примерот на оној од 2004 година што ќе означи реунификација, односно реинтеграција на регионот во Европската Унија, истакна денеска претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето годишно обраќање во Собранието.
Таа нагласи дека целосната интеграција на Балканот во ЕУ ќе стави крај на бескрајното прекројување на границите, а со тоа и крај на балканизацијата како феномен, бришејќи ги границите меѓу балканските држави.
„Балканот е природен дел на Европа: географски, историски и културно. Европската идеја е уникатна политичка филозофија поддржана од сите политички актери, партии, но и граѓани во регионот. ЕУ членството ќе биде моќен мотив за демократски промени во регионот, што трајно ќе оневозможи закана и дестабилизација од фрустрираните националисти и ќе гарантира траен мир“,
истакна Сиљановска-Давкова.
Претседателката истакна дека Западниот Балкан не е никаков проблем за апсорбциониот капацитет на Унијата.
„Во бројните средби со ЕУ претставниците укажувам на некои парадокси – прво, европската заедница со децении повикуваше на рушење на авторитарните системи, тогаш, има морална обврска за солидарност со нив/нас по падот на комунизмот; второ, профитната логика на западните економии бара поголем пазар и работната сила; трето, стабилноста на европскиот континентот зависи и од Истокот, вклучувајќи го и Западниот Балкан, како геополитичка ентитет; четврто, лоциран меѓу Европа и Блискиот Исток како конгломерат на култури и религии отсекогаш Балканот се перципирал како потенцијална конфликтна зона; петто, Балканците секогаш се перципирале себеси како Европејци, па европската интеграција е недовршена без европскиот југоисточен дел“,
истакна претседателката.
За неа, како што посочи, ЕУ е се уште најпосакуваниот демократски политички систем и дом.
Во Планот за раст и во реформските агенди, а особено во нашата Реформска агенда, додаде Сиљановска-Давкова, препознавам стратегиски пристап, но и конкретни реформи со рокови и финансии, со што се гарантира и стимулира процесот од обете страни.
„Токму затоа, не смееме да дозволиме ни тие, ни ние, наместо на реализирање на стратегиските цели и предизвици и на реформите, енергијата и времето да ги насочиме кон историјата, согласно Заклучоците на Советот и протоколите, односно записниците. Ако зборуваме за Pacta sun servanda, да посочам дека во Договорот за добрососедство и пријателство нема ниту еден збор за уставни измени“,
нагласи претседателката во своето годишно обраќање во Собранието.