Таа нагласи дека не е доволно во Кривичниот законик да се предвиди кривично дело фемицид, кога толку често доаѓа до преквалификација, ако надлежните не постапуваат по службена должност, иако измените на Кривичниот законик тоа го овозможуваат, ако се преферира условната казна, наместо највисоката
Шокира фактот дека во 2025 имало 4 745 пријави за семејно насилство и шест случаи на убиство, а за два месеца во 2026 година – веќе четири случаи на фемицид. Овие алармантни бројки се слика на општество во кое е загрозено најосновното човеково право – правото на живот. Не цитирам статистика, туку нотирам пораз на институционалната превенција и навремената акција. Зад бројките се кријат животни приказни, семејни трагедии, неостварени соништа. Ова го нагласи претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на пленарната седница во Собранието, „Правата и можностите на жените – достигнувања и перспективи“, која секоја година се одржува по повод Меѓународниот ден на жената 8 Март.

„Страшно е секој 8 март да броиме нови жртви, да презентираме најнови статистики, да дебатираме за политики, да усвојуваме стратегии, посочувајќи ги истите проблеми, презентирајќи брутални статистики, предлагајќи претходно предложени, но непреземени мерки и активности. И овој 8 март, непосредно по несфатливата смрт на Ивана и на Катја, тешко ми е да го доживеам како Ден на жената! Симболиката на празникот се изгуби во мракот на суровата, непоимлива и неприфатлива реалност“,
рече претседателката.
Таа посочи дека клучен момент е оној на пријавувањето и ако жената се соочи со човек којшто ѝ влева разбирање, поддршка, сигурност и надеж, таа ќе се охрабри да се избори за себе, ама ако биде пречекана од профил, за кој навредувањето и тепањето се дел од заедницата, ќе се посомнева во ефектите од преземениот чекор и ќе трпи. Затоа, посочи Сиљановска Давкова, обучените и сензибилизираните полицајци, социјални работници и судии се активни спасители или пасивни соучесници во делото.
„Зарем сè уште не сфативме и не научивме дека фемицидот не е ненадеен изблик на гнев, туку врв и крај на долг, мачен процес на психолошки притисок, манипулација, тортура, страв, неизвесност и малку желби и надеж. До кога пост фестум ќе ламентираме и ќе тагуваме, наместо навреме да спречуваме и соодветно да санкционираме и да се радуваме со потенцијалните, но спасени жртви? Што стана со уставната обврска за посебната грижа и заштита на семејството?“,
праша Сиљановска-Давкова.
Претседателката од собраниската говорница запраша како е можно институциите да се имуни на предупредувачките сигнали, зошто системот на социјална заштита, полицијата, обвинителството и судството не реагираат навреме и до кога ќе ги менуваме законите, наместо оние што не ги применуваат.
„Зарем сè уште не формиравме природен, нераскинлив сојуз на социјалните работници, полициските службеници, инспекторите за семејно насилство, наставниците, лекарите, новинарите, невладините организации, бесплатните правни застапници и судиите? Прашувам: Дали и колку вреди женскиот живот? Зарем Катја не беше дел од нашата иднина и зарем Ивана немаше право на среќа?“,
праша претседателката.
Таа нагласи дека не е доволно во Кривичниот законик да се предвиди кривично дело фемицид, кога толку често доаѓа до преквалификација, ако надлежните не постапуваат по службена должност, иако измените на Кривичниот законик тоа го овозможуваат, ако се преферира условната казна, наместо највисоката.
Со ратификацијата на Истанбулската конвенција, потсети таа, државата презеде обврска да воспостави сеопфатен и функционален систем на превенција, заштита и санкционирање, заснован на разбирањето дека насилството врз жените е поврзано со структурната нееднаквост.
Во македонската држава, како што посочи Сиљановска-Давкова, повеќе од половина од истражувачите се жени, што претставува сериозен интелектуален потенцијал.
„Знаењето постои, но патот до позициите на одлучување и до центрите каде што се дефинираат правилата сè уште не е подеднакво пристапен. Затоа, учеството на жените во локалната и во централната власт не претставува само прашање на квантитативна застапеност, туку суштински показател за зрелоста и за квалитетот на јавните одлуки. Политиките не се апстрактни норми, туку конкретни механизми што ги обликуваат условите за живот: домот, образованието, безбедноста, економската сигурност и секојдневната благосостојба“,
рече претседателката.
Оттука, додаде таа, кога во процесите на одлучување се интегрираат женската емпатија како способност за препознавање на социјалната ранливост, мајчинската одговорност како свест за долгорочните последици, како и умот и знаењето, изградени низ професионално и животно искуство, се креираат политики со поголема аналитичка длабочина, етичка чувствителност и општествена одржливост.
„Не дозволувајте одбележувањето на 8 Март да се сведе на протоколарна форма којашто ќе го исцрпи своето значење во симболични гестови и пригодни зборови. Розите коишто денес ќе ја разубават просторијата, утре тивко ќе почнат да ја губат свежината, а вниманието коешто трае еден ден не е доволно. Жените не очекуваат привремена, празнична галантност, врзана за празничниот ден, туку трајна сигурност што произлегува од стабилен, функционален и правичен систем“,
нагласи Сиљановска-Давкова.
