За состојбата во опсерваторијата претседателката на државата била информирана од страна на раководителката на Сеизмолошката опсерваторија при ПМФ, Катерина Дрогрешка
Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје се наоѓа во драматична состојба – ѝ укажала раководителката на опсерваторијата, Катерина Дрогрешка, на претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова за време на вчерашната средба во претседателската вила „Водно“.

Укажувајќи на драматичната состојба поради недостиг на сеизмолошки инструменти и кадар, Дрогрешка посочила дека Сеизмолошката опсерваторија се соочува со опасност од затворање на сеизмолошките станици добиени и користени во рамките на апликативен проект.
„Со оглед на националното значење на Сеизмолошката опсерваторија, соговорничките ги разгледаа можностите за надминување на енормните проблеми. Се заложија за континуирано подигање на свеста за ризикот од земјотреси и нужноста од институционална поддршка на научно-истражувачката и апликативната дејност во сеизмологијата“,
информираат од кабинетот на Сиљановска-Давкова.
За време на средбата, претседателката ја истакнала важноста од стабилна и научно базирана сеизмолошка мрежа, нејзината важност во превенција, навременото информирање и заштита на населението од земјотреси.