Според претседателката, без силна опозиција не може да има демократија, да има Парламент што ќе носи добри одлуки бидејќи, како што вели, тие се коректорот на власта

Очекувам опозициската СДСМ да ја надмине кризата, да стане сила опозиција и активен партнер во општеството, вели претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Изјавата на Сиљановска-Давкова доаѓа откако вчера, по барање на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, целото раководство на партијата заедно со членовите на Извршниот одбор поднесоа оставки.
Претседателката вели дека во суштина не коментира внатрепартиски прашања, но дека според неа е важно опозициската СДСМ да ги надмине проблемите и повторно да стане силна опозиција бидејќи тоа, како што вели, е здраво за демократијата.
„СДСМ има статус, има програма и други акти и внатрепартиски структури, постојат демократски начини на решавање на проблемите и мислам дека тоа е добро, прво за нив, но и за сите нас, бидејќи без силна опозиција не може да има демократија, да има Парламент што ќе носи добри одлуки бидејќи тие се коректорот на власта“,
рече Сиљановска-Давкова одговарајќи на новинарски прашања по посетата на училиштето „Партенија Зографски“ во Скопје.
Таа вели дека со вакви проблеми се соочувале многу партии и тоа не само кај нас туку и во други земји.
„Мојата порака е дека оваа партија има долга историја, меморија, имала големи победи и успеси, и како и другите партии имала и кризи. Се надевам дека од кризата ќе излезат со нови решенија и ќе станат повторно активен фактор и актер на македонската демократија“,
додаде претседателката.
Од СДСМ вчера информираа дека на седница на Извршниот одбор на партијата, на предлог на лидерот Венко Филипче, заменик-претседателката, потпретседателите, генералниот секретар, организациските секретари и сите членови на Извршниот одбор поднеле оставки.
Оттаму додаваат дека со овој чекор е отворено ново поглавје во партијата, кадровско освежување и зајакнување, вклучување нови лица и внатрешна мобилизација.
На една од наредните седници на Централниот одбор, од партијата велат дека претседателот Филипче ќе предложи избор за членови за органите на партијата, а за функциите ќе се бираат најкомпетентни личности.
