Парискиот мировен форум, основан во 2018 година, e меѓународна платформа за унапредување на глобалното управување, мирот и мултилатералната соработка

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова синоќа присуствуваше на свечената вечера приредена од францускиот претседател Емануел Макрон, во чест на високите гости на Парискиот мировен форум.
„Вчеравечер присуствував на свечената вечера приредена од францускиот претседател Емануел Макрон, во чест на високите гости на Парискиот мировен форум. Во пријатна атмосфера водевме разговори насочени кон зајакнување на глобалниот мир. Само преку заемна почит и разбирање можеме да создадеме услови за напредок и побезбедна иднина за сите“,
стои во објавата на фејсбук-профилот на Сиљановска-Давкова.

Претседателката во фејсбук-објавата додава дека се согласува со претседателот на Франција дека лажните информации со креирање на радикални наративи ги нарушуваат демократските процеси.
„Почитувањето на националниот и културниот идентитет, солидарноста, владеењето на правото и човековото достоинство, како основна цел на ЕУ, можат да бидат постигнати само со соодветни информации што нема да бидат под влијание на профитно базираните алгоритми на социјалните мрежи и лажните профили коишто ја уништуваат јавната дебата и ја загрозуваат демократијата“,
напиша Сиљановска-Давкова на Фејсбук.

Парискиот мировен форум, основан во 2018 година, e меѓународна платформа за унапредување на глобалното управување, мирот и мултилатералната соработка.
