Според претседателката, извештајот на Државниот завод за ревизија дава прецизна дијагноза на реалните состојби во државата, откривајќи системски недостатоци во имплементацијата на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилство врз жените и семејното насилство (Истанбулска конвенција)
Покрај формалната, неопходна е реална заштита на жените од насилство – порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на денешната јавна расправа во собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите посветена на извештајот на Државниот завод за ревизија за имплементација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилство врз жените и семејното насилство (Истанбулска конвенција).

Според претседателката, извештајот на ДЗР дава прецизна дијагноза на реалните состојби во државата, откривајќи системски недостатоци во имплементацијата на Истанбулската конвенција.
„Моето критичко гледиште е дека државата има формална, но нема суштинска посветеност на проблемот, врзан за заштитата на жените. Правните акти се носат, но не се операционализираат. Недостигот на подзаконски акти понекогаш ја парализира работата, а мислам дека отсуството на национална стратегија по 2023 година е голем пропуст кој мора да се коригира. Центрите за социјална работа, колку што гледам од извештајот, немаат соодветен кадар и недостига функционална анализа. Понатаму, лиценцирањето на невладините организации за специјализирани услуги е запрено, и на крајот остануваат само три центри за проблемите поврзани со сексуалното насилство. Можам да заклучам дека повторно имаме институционална дисфункционалност – има закони, има тела, но поради причините што ги наведов, тие не можат да функционираат“,
порача Сиљановска-Давкова.
Укажа и на потребата од јасни критериуми при распределбата на финансиите, врз основа на претходна анализа на трошоците, како и заострување на казнената политика во однос на семејното насилство и фемицидот.
„Жените остануваат незаштитени во критички момент како резултат на дисфункционалноста и некоординираноста на институциите. Заради тоа фемицидот расте, институционалната недоверба се продлабочува и се нарушува нашиот кредибилитет во исполнувањето на меѓународните обврски“,
додаде претседателката.
Покрај претседателката, на седницата се обратија и претседателката на собраниската комисија, Жаклина Пешевска, потпретседателката на Собранието, Весна Бендевска, заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски и помошничката на главниот државен ревизор, Катерина Чалоска-Алексовска.
На минатонеделниот промотивен настан по повод ревизорскиот извештај за спроведување на Истанбулската конвенција, главниот државен ревизор Максим Ацевски изрази уверување дека незадоволителните наоди на ревизијата во поглед на спроведувањето на Конвенцијата ќе бидат добра основа за преземање на потребните мерки од надлежните институции со цел создавање услови за превенција на насилство.
