„Убедена сум дека денешниот разговор, кој беше во една дебатна атмосфера, ќе вроди со плод. Не можам да кажам дека утре ќе се случи тоа, но важно е да почнете. Сигурна сум дека мислата може да биде побрза од светлината ако се слушаме, ако се почитуваме, ако имаме волја да се разбереме, тогаш решението е на дофат“, рече шефицата на македонската држава
Се обединивме околу ЕУ-интеграцијата, Копенхагенските критериуми, регионалниот пристап кон решавање на проблемите, рече македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова во изјава за медиумите по средбата со својот бугарски колега Румен Радев во Софија.
Сиљановска-Давкова додаде дека со Радев се согласиле и нашата земја да ги добие „научените бугарски лекции“ за да не ги повторува истите грешки во евроинтегративниот процес.
„Ќе трагаме по компромис и заедничко решение без никој да се чувствува навреден или повреден и без никој да мисли дека бил заборавен“,
рече Сиљановска-Давкова.
Според неа, се докажало дека кога се разговара со добра волја, може да се направи голем исчекор за важни решенија.
„Уште еднаш се докажа дека не случајно сме први соседи, судбина ни била овде да живееме. Се покажа дека речта, зборот, е најважна во Библијата. Уште се докажа дека кога ќе седнете да разговарате во добра волја, ќе направите голем исчекор за големи важни решенија. Не сум овде случајно, дојдов за да разговарам, сега го очекувам претседателот да дојде во Скопје. Убедена сум дека денешниот разговор, кој беше во една дебатна атмосфера, ќе вроди со плод. Не можам да кажам дека утре ќе се случи тоа, но важно е да почнете. Сигурна сум дека мислата може да биде побрза од светлината ако се слушаме, ако се почитуваме, ако имаме волја да се разбереме, тогаш решението е на дофат“,
рече таа.
Околу посетата на Радев на Скопје рече дека „датумот не е утврден, но одредиле околу што би можело да биде доаѓањето“.
„Искрено секој од нас го кажа своето видување со респект се сослушавме, но, факт е дека ние ги претставуваме националните интереси на едната и на другата држава, но и факт е дека дијалогот е клучното решение“,
рече Сиљановска-Давкова.
Таа додаде дека денеска не разговарале за прашањето на внесување на Бугарите во Уставот, ниту за други конкретни прашања.
Во врска со нејзиниот став за промената на Уставот, Сиљановска-Давкова рече дека одлуките за овие прашања ги носат пратениците во Парламентот и не зависат од ставови на подинци.
„Јас да сум апсолутен монарх можам да кажам дека ќе го сменам Уставот, но пратениците ги претставуваат граѓаните и тие гласаат по сопствено уверување. Јас не можам да ја суспендирам парламентарната демократија, се разбира дека разговаравме за сите прашања. Велам разговаравме – не можеме да донесеме решение кое ќе го наметнеме. Разговаравме и тоа е здраво“,
додаде претседателката.
Во соопштението, пак, објавено на веб-страницата на претседателката, се вели дека на средбата со Радев Сиљановска-Давкова истакнала дека македонските власти ги преземаат сите неопходни активности за изградба на повеќе крупни регионално-инфраструктурни проекти кои се од стратешко значење за земјава, регионот и за Европската Унија.
На средбата, се додава во соопштението, претседателката Сиљановска-Давкова ја истакнала неопходноста од продолжување на билатералниот политички дијалог на сите нивоа, размена на посети и градење односи со меѓусебно почитување и поддршка, при што било истакнато позитивното искуство во соработката на планот на културната размена, која придонесува за зголемување на довербата и пријателството помеѓу двете општества.
„На средбата беа разменети мислења и за развојот на македонско-бугарските односи низ призма на предизвиците со кои се соочуваме на регионално и на глобално ниво, а за кои е потребен заеднички и усогласен пристап“,
се додава во соопштението.
Македонската шефица на државата вечерва ќе присуствува на операта „Набуко“ од Џузепе Верди во изведба на македонската Национална опера и балет (НОБ) во Софиската опера и балет.
Таа рече дека, по денешната несреќа во која се урна воен авион во во областа Пловдив во Бугарија и во која загинаа две лица, вечерашното гледање на „Набуко“ во ваков амбиент добива друга димензија.
„Целосно го разбирам претседателот и неговата сопруга дека вечерва не можат да ми се придружат“,
додаде таа.
Бугарскиот претседател Румен Радев по средбата со Сиљановска-Давкова не даде изјава, но претпладнево при посета на авиобаза, а пред да ја оствари предвидената средба со македонската колешка, рече дека Република Бугарија отсекогаш била отворена за дијалог со Република Северна Македонија. Затоа, додаде Радев, очекувам овој дијалог да придонесе кон наше културно зближување, но и да ги поттикне економската соработка и туризмот.
Како што пренесе бугарската национална агенција БТА, Радев очекува Република Северна Македонија да ги исполни сите обврски што ги презела кон Република Бугарија и кон Европската Унија, со што, како што рече, ќе можеме целосно да ги градиме нашите заемни односи.