Преку владеење на правото и борба против корупцијата, социјална правда и заемна грижа, да го обновиме општествениот договор на слободни граѓани, еднакви пред законот, сплотени околу општото добро – порача претседателката на свечената академија по повод државниот празник „Св. Климент Охридски“
Пред нас е задачата да ја спречиме фрагментацијата на македонското општество со тоа што одново ќе ги научиме доблестите што ја одржуваат заедницата. Како и во Климентово време, потребна ни е заедничка, повисока цел, околу која ќе градиме односи и ќе премостуваме разлики. Преку владеење на правото и борба против корупцијата, социјална правда и заемна грижа, да го обновиме општествениот договор на слободни граѓани, еднакви пред законот, сплотени околу општото добро.

Ова беше дел од обраќањето на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свечената академија по повод државниот празник „Св. Климент Охридски“, која вечерва се одржа под незјино покровителство.
Претседателката порача дека смирението и милоста како две најголеми доблести на охридскиот светител не се само христијански, туку општочовечки и се темелот врз кои е издигнато најголемото и најтрајно дело на Свети Климент. Но, колку од овие вредности, додаде таа, може да се препознаат во реалниот живот и секојдневните меѓучовечки односи и дали некогаш воопшто ќе се искусат во политичкиот, економскиот и медиумскиот простор.
„Ако сме милостиви, зошто има толку суровост меѓу нас? Зошто, наместо да се сплотиме, ние се поделивме околу најважните прашања од национален интерес? Меѓу последните сме во Европа по нивото на волонтерство и имаме епидемија на малодушност и рамнодушност, вклучително и кон лични и колективни трагедии. Свесна сум дека, делумно, овие состојби се должат и на децениските неправди со кои се соочуваме, особено во нашите евроинтеграции. Направдата раѓа огорченост, гнев, недоверба, песимизам и цинизам. А сето тоа ги поткопува темелите на македонското општество. Токму примерот на Свети Климент нè поучува на отпор против овие појави“,
порача Сиљановска-Давкова во говорот.
Важиме за мирен и кроток народ, но дали навистина имаме мир, рече претседателката, кога денот ни започнува и завршува со црна хроника, со вести за насилство кое често кулминира со убиства и фемициди, или кога сведочиме за егзодусот на младите во странство.
„Дали имаме мир кога пред очи ни созрева анксиозна генерација израсната со мобилен в рака, следејќи го правилото ‘постирам, значи постојам’? Не го вперувам прстот кон младите бидејќи на почетокот тие се натпреваруваа со нашите мобилни телефони за нашето целосно внимание. Ете, дојде време кога ние, родителите и наставниците се натпреваруваме со мобилните телефони на децата и на учениците за нивното целосно внимание. Ова е меѓугенерациско отуѓување“,
додаде таа.
Во оваа смисла претседателката посочи дека не е застапник на дигиталниот аскетизам бидејќи дигитализацијата е неопходна, но сето тоа, како што рече, мора да биде поткрепено со дигитална писменост и со одговорна употреба на технологијата. Во спротивно, како што додаде, ќе се сведеме на дезориентирани конзументи на видеократијата и спектакл-демократијата.
„Некој ќе рече дека попусто бараме смирение во ера на расеаност и тиранија на ургентното, кога се ни се случува одеднаш. Или, дека залудно бараме милост во време на војни и на бројни економски, еколошки, социјални и безбедносни кризи. Пред нас е голема задача – да ја спречиме фрагментацијата на македонското општество со тоа што одново ќе ги научиме доблестите коишто ја одржуваат заедницата. Како и во Климентовото време и нам ни е потребна заедничка, повисока цел, околу која ќе градиме односи и ќе премостуваме разлики“,
порача Сиљановска-Давкова.
На свеченоста во Музејот на македонската борба за самостојност присуствуваа и премиерот Христијан Мицкоски, поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан, министри, пратеници и општественици.
