Таа додаде дека сите европски политичари се свесни дека тажната неевропска македонска приказна нема да застане на нас, туку дека ќе биде една од следните приказни, и покрај нејзиното радување за напредокот на некои држави во регионот

ФОТО: Фејсбук-страница на Гордана Сиљановска-Давкова
Претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, денеска од Тирана рече дека идентитетските прашања се надвор од која било преговарачка рамка за членство во Европската Унија. Иако не ја коментираше директно вчерашната изјава на бугарскиот претседател Румен Радев во однос на ветото и преговарачката рамка, таа нагласи дека тоа не значи дека се согласува додавајќи оти тоа го истакнала и во текот на разговорот.
Претседателката Сиљановска-Давкова објасни дека репликата од Радев не ѝ е упатена лично на неа, туку е реплика на она што го прави и мора да го прави ЕУ за да покажат дека во моментот нема поважна политика од политиката на проширувањето. Таа потенцираше дека проширувањето е неразделно од заедничката надворешна и безбедносна политика, а Северна Македонија е често посочувана како држава целосно усогласена со Европската надворешна и безбедносна политика.
„Едно е какво е личното државно доживување, а друго е каква е реалноста“,
истакна Сиљановска-Давкова.
Таа додаде дека сите европски политичари се свесни дека „тажната неевропска македонска приказна нема да застане на нас“, туку дека ќе биде една од следните приказни, и покрај нејзиното радување за напредокот на некои држави во регионот.
Претседателката повтори дека Северна Македонија не смее да биде жртва на идентитетските прашања. Таа појасни дека тие се надвор од било која преговарачка рамка бидејќи се надвор од Договорот за ЕУ од Лисабонскиот договор и од Повелбата за фундаментални права. Во овие документи, подвлече таа, се гарантира националниот и културниот идентитет не само на членките на ЕУ, туку и на земјите кандидати.
„Ние не бараме никаков ексклузивен статус. Ние бараме стандардно однесување во духот на она што постојано го повторувам. Сакам да живеам во стандардна европска држава, не сакам да биде мојата држава исклучок од сите други, правилата треба да важат за сите“,
изјави Сиљановска-Давкова во Тирана, каде вчера учествуваше на Самитот на шефови на држави и влади на земјите од Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ).
По средбата со претставници на Македонското национално малцинство во Албанија, на Македонската алијанса за европска интеграција, на Македонското друштво „Илинден“ – Тирана, како и со македонски дипломати и професори, претседателката потсети дека ЕУ побарала од неколку европски тинк-тенкови, меѓу кои и „Елија меп“ од Грција, да изработат анализа и да предложат решение за надминување на опасноста од билатерализацијата, односно за употреба и злоупотреба на ветото во процесот на проширувањето. Таа нагласи дека денес проширувањето не е само европска демократска потреба, туку е насушна потреба за стабилизацијата и безбедноста на регионот.
Бугарскиот претседател Румен Радев вчера на заедничка прес-конференција со македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова и албанскиот претседател Бајрам Бегај на Самитот на шефови на држави и влади на учесниците на Процесот за соработка со Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) во Тирана рече дека Бугарија никогаш не ставила вето на С Македонија на нејзиниот пат кон Европската Унија, туку дека станувало збор за внатрешни и предизвици поврзани со човековите права и владеењето на правото во земјава.
Изјавата на Радев дојде откако неговата македонска колешка Гордана Сиљановска-Давкова во својот говор рече дека С Македонија нема доволно поддршка од соседите на патот кон членството во Европската Унија.