Во обраќањето на сесијата во рамки на Парискиот мировен форум, македонската претседателка се осврна и на безбедносната состојба во Европа, повторувајќи дека проширувањето на Европската Унија е и безбедносно, а не само прашање за проширување
Евроинтеграцијата не може да биде диктат, туку дијалог – порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од осмиот Париски мировен форум, обраќајќи се на сесијата посветена на младите и европската перспектива на Балканот. Укажа дека регионалната соработка е од суштинска важност и повика на разбирање и дијалог.

„Регионалната соработка за мене е неверојатно важна. Не може да избегаме од регионот, тој ни е судбина, ова важи не само за нас кои сè уште чекаме да станеме кандидати или да ги завршат некои држави преговорите со ЕУ, но и за оние коишто веќе се во ЕУ, а припаѓаат на нашиот регион“,
изјави Сиљановска-Давкова.
Во обраќањето на сесијата, македонската претседателка се осврна и на безбедносната состојба во Европа, повторувајќи дека проширувањето на Европската Унија е и безбедносно, а не само прашање за проширување.
Од интерес за регионалната стабилност, регионалната демократија, но и за Европската Унија, според Сиљановска-Давкова, е на регионот да се гледа како на систем на врзани садови и да се покаже иновативност во креирањето на конечни решенија за Западен Балкан, како неразделен дел од Европа.
Претходно денеска, на отворањето на Парискиот мировен форум, Сиљановска-Давкова изрази очекување дека ќе се развијат дискусии што ќе придонесат кон решавање на најгорливите глобални предизвици – мирот и безбедноста, климатските промени, дигиталната трансформација и социјалната кохезија.
