Во однос на разговорот со бугарскиот премиер Росен Жељазков во Хаг, претседателката рече дека се работи за протоколарна средба. Во смисла на односите со Бугарија, рече дека наместо да се бара и да се очекува посредништво од европските челници, Скопје и Софија треба да седнат на заедничка маса и да видат каде се и каде одат
Самитот на НАТО ќе остане запаметен по единството и по решеноста заедно да тргнеме кон мирен период – рече претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова во изјава за медиумите од Хаг, каде што ја предводи македонската државна делегација на Самитот на НАТО. Рече дека ги претставила позициите на земјава, истакнувајќи дека иако мала, државата се однесува како кредибилен партнер на НАТО, за разлика од многу други.

„Издвојуваме два проценти за одбраната, сега е донесена одлука за зголемување. Потенцирав дека тоа може да биде само градуелно и дека ние остануваме посветени на обврската, но исто така дека мора да се внимава на финансиската моќ на државата. Неколкупати потенцирав дека повеќе би сакала да издвојуваме за наука и за образование, меѓутоа има моменти кога заради консензусот, заради решеноста кога сте во едно друштво со кое делите исти принципи и вредности, мора да ги почитувате и заедничките одлуки. Што се однесува до мирот, потенцирав дека верувам во ‘збогум оружје’ и во насушната потреба за траен мир“,
рече Сиљановска-Давкова во изјава за медиумите.
Изјавата на претседателката следеше откако сите 32 членки на НАТО на денешниот самит во Хаг се согласија да ги зголемат трошоците за одбрана на 5 отсто од БДП, што треба да се исполни до 2035 година.
Самитот на НАТО и средбите со државниците на земјите членки на Алијансата претседателката ги искористила и за да повика на деблокада на македонскиот евроинтеграциски процес. Во оваа смисла го потенцирала не само начелото за проширување и географската, историска и културна припадност на земјава во Европа, туку и безбедноста на регионот, која со себе ја повлекува и безбедноста на Европа и Европската Унија.
„Мислам дека пораките беа примени од реакциите се разбира. Останува да видиме што ќе се случува“,
рече Сиљановска-Давкова.
Во однос на разговорот со бугарскиот премиер Росен Жељазков, рече дека се работи за протоколарна средба.
„Не сакам да ја квалификувам оваа средба како средба во која ние сме воделе разговори. Тоа беше културна, протоколарна, пријателска, џентлменска средба, во која ние се запознавме и разменивме првични ставови“,
посочи претседателката.
Во смисла на односите со Бугарија, Сиљановска-Давкова рече дека наместо да се бара и да се очекува посредништво од европските челници, Скопје и Софија треба да седнат на заедничка маса и да видат каде се и каде одат. Претседателката се осврна и на предлог-амандманот за вметнување на додавката „модерен“ пред македонски јазик во извештајот за напредокот на земјава подготвен од европратеникот Томас Вајц.
„Ако основните документи на ЕУ ги вбројуваат почитувањето на националниот и културниот идентитет, јазичниот диверзитет, еднаквоста на државните, посветеноста на повелбата на ОН, посветеноста на Конвенцијата за правата на човекот – дека самото тоа покажува дека прашањата за ‘модерен јазик’, ‘модерна нација’ е крајно проблематично, не само научно туку и политички. Не постојат предмодерни, модерни, постомодерни нации освен во уметноста. Сите нации настанале во втората половина на 18 и 19 век, вклучувајќи ја и нашата. Малку е невообичаено сега да барате да се избрише тоа што е внесено во извештајот на Вајц ако вие сте инсистирале на реактуализирање на нешто што е ад акта на разговори за нација, јазик и историја“,
рече Сиљановска-Давкова.
Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) вчера го усвои Извештајот за С Македонија за 2023 и 2024 година подготвен од австрискиот европратеник и известувач за земјава Томас Вајц. Пред гласањето, германскиот европратеник Михаил Галер од ЦДУ, односно од Европската народна партија, предложи амандман во кој пред терминот „македонски јазик и идентитет” се додава „модерен”. Амандманот не беше ставен на гласање бидејќи против тоа се изјаснија шестмина европратеници.