Претседателката додаде дека верува во потребата за пријателство и дека тоа ќе се случи и е нешто што е неминовно
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која ја предводи македонската државна делегација на Самитот на НАТО во Хаг, во изјава за ТВ 21 изјави дека вчеравечер имала разговор со премиерот на Бугарија, Росен Жељазков.

И покрај тоа што министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски вчера ја отфрли можноста за средба на претседателката со премиерот на Бугарија, Сиљановска-Давкова рече дека разговарала со Жељазков пред вечерата која беше организирана за учесниците на Самитот.
Рече дека имале пријатен и пријателски разговор за време на кој ги допреле темите за нужноста од меѓусебно разбирање и почитување.
„Имав пријатен, протоколарен, пријателски разговор со бугарскиот премиер вчера пред вечерата. Разговаравме за нужноста од меѓусебно разбирање без посредување, за потребата да се почитуваме, да го следиме духот на двата народи, да си помагаме и за потребата оној кој е веќе внатре да му помогне на оној којшто оди кон ЕУ“,
рече Сиљановска-Давкова во изјавата за ТВ 21.
Претседателката додаде дека верува во потребата за пријателство и дека тоа ќе се случи и е нешто што е неминовно.