Претседателката вели дека со Румен Радев како поранешен претседател на Бугарија не се согласувале за многу работи, но посочи дека умеат да се сослушаат со почит и, како што рече, да заклучат дека ќе бараат решение
Очекувам да се видиме, да разговараме и да трагаме по ново решение – вели претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по вчерашните избори во Бугарија по кои е сè поизвесно дека Румен Радев ќе биде нов премиер. Претседателката вели дека со Радев како поранешен претседател на Бугарија не се согласувале за многу работи, но посочи дека умеат да се сослушаат со почит и, како што рече, да заклучат дека ќе бараат решение.

Сиљановска-Давкова вели дека резултатите од вчерашните парламентарни избори во Бугарија се очекувани со оглед на високиот рејтинг на експретседателот Румен Радев и со оглед на тоа што, како што рече, бугарските граѓани се измориле од досегашните нестабилни влади кои често се менуваа.
„Мислам дека бугарските граѓани се изморија од нестабилни влади кои постојано се менуваа и веројатно затоа ѝ ја дадоа довербата на новоформираната партија на Радев. Резултатот е очекуван. Да видиме дали после многу падови ќе опстои подолго една бугарска влада. Тоа беше отежнувачка околност на градењето односи со нас иако сите знаеме дека сите премиери секогаш се повикувале на одлуките, декларациите и резолуциите на парламентот на Бугарија кога е во прашање политиката со нас“,
изјави претседателката одговарајќи на новинарски прашања.
Сиљановска-Давкова посочи дека ефективната власт во Бугарија е лоцирана кај владата, односно кај идниот премиер кому, според неа, сигурно ќе му припадне мандатот за состав на нова влада. Тоа, како што рече претседателката, отвора простор за преговори.
„Она што е ново е драматичната состојба во светот, во амбиент на драматично сменет меѓународен поредок безбедноста добива на тежина. Говорам за безбедноста на ЕУ, за опасноста и потребата од градење отпорност кон можни фактори и актери на Бaлканот. Да потсетам, Балканот секогаш бил зона за тестирање на односите на големите сили, тоа сигурно ќе биде и сега и јас очекувам третирање на проширувањето не само низ призма на поголема ЕУ, компетитивна на глобалната политичка сцена туку и поголема безбедност. Ние имаме 100 проценти усогласена надворешна и безбедносна политика со ЕУ и повеќе држави од регионот како Црна Гора и Албанија. Очекувам да се видиме, да разговараме, се разбира со двете знамиња и да трагаме по ново решение“,
рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката изрази очекување дека Радев како иден премиер ќе ја искористи поддршката од граѓаните и своето долгогодишно политичко искуство во насока на надминување на проблемите со кои се соочува Бугарија.
