До крај на консензусот, додаде претседателката на државата, за жал може да дојде само со консензус, а него очигледно го нема
По храбрата изјава на Фон дер Лајен дека треба да се предизвика или да се урне штитот на консензусот како нужен за исчекор во процесот на евроинтеграциите, очекувам да чујам креативни предлози и решенија – изјави претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова прашања за очекувањата од претстојната средба со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која попладнево ќе биде во посета на земјава.

„Ние предложивме и ќе предложиме излезни решенија, а вие набрзо ќе ја дознаете содржината и суштината на дијалогот од денешната средба“,
изјави Сиљановска-Давкова пред новинарите.
Додаде дека на денешата средба со шефицата на ЕК ќе повтори оти членките на Европската Унија се должни да ги почитуваат своите уставни документи, особено Лисабонскиот договор, во кој се вели дека ЕУ ќе ги почитува историјата, културата, јазикот на нациите и на државите, како и нивните и уставни структури.
До крај на консензусот, додаде претседателката, за жал може да дојде само со консензус, а него очигледно го нема.
„За ветото се борат помалите држави и најмногу оние од Централна и Источна Европа. Но и тука има различни пристапи, како оној што го чувме од претседателот на Словачка. Тој е еден од поборниците на ветото и на консензусот, но не доколку не се однесува на Копенхашките критериуми, туку на обиди на употреба на статусот на членките на ЕУ за ‘ревизија на прашања од историјата, културата и јазикот’“,
додаде шефицата на државата.
- ЕУ не може да си игра со довербата на оваа земја – порача словачкиот претседател Пелегрини од Скопје
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен попладнево во Скопје ќе ја заокружи годинашната турнеја низ земјите од Западен Балкан. Предвидено е да се сретне со премиерот Христијан Мицокоски, со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и со собранискиот спикер Африм Гаши.