Со ветото, како што рече претседателката, укажала дека не е употребена формулација „јазикот што го говорат најмалку 20 проценти од граѓаните“, како што налагаат Уставот и законите. Во законското решение, како што вели, стои дека лиценците за работа во областа на детската заштита се издаваат на македонски и на албански јазик
Ниту сум имала намера, ниту некогаш ќе употребам вето за да навредам некого, некој јазик или дел од нација, ниту, пак, сум се водела од партиски совети – изјави денеска претседателката Гордана Сиљановска-Давкова одговарајќи на новинарско прашање во врска со ветото што го стави на Законот за заштита на децата.

Вели дека ова не го направила триумфалистички и оти пред да го достави указот до Собранието, во кој ги оспорува членовите 9 и 10 од Законот, за своето мислење ја информирала Владата и надлежните министри.
„Одговорно тврдам дека се водев од Уставот, од Законот за македонски јазик, кој, се чини дека на мнозина сè уште им е непознат, амандманот 5 од Уставот и уште еден закон – Законот за употреба на јазиците. Почитувањето на Уставот и законите е основна обврска на секој од нас, впрочем јас сум должна да ги почитувам. Јас не сум законодавец, нема да предложам решение, не сум Уставен суд, значи нема да го оценувам преку ветото, само упатив повик уште еднаш да се разгледаат членовите 9 и 10 и да се размисли дали ваквиот начин на полагање и добивање на лиценца нема да внесе или да отвори простор за дискреционо овластување“,
изјави претседателката одговарајќи на новинарски прашања.
Со ветото, како што рече, укажала дека не е употребена формулација „јазикот што го говорат најмалку 20 проценти од граѓаните“, како што налагаат Уставот и законите. Во законското решение, како што вели, стои дека лиценците за работа во областа на детската заштита се издаваат на македонски и на албански јазик.
Не е спорно, вели таа, кога испитот се полага на албански јазик, да се добие и лиценца на албански јазик.
„Во членовите 9 и 10 има одредби што мислам дека треба парламентарниот состав да ги преобмисли или уште еднаш да ги прочита, впрочем затоа и се вика указ актот, значи јас само укажувам, не судам и не донесувам конечна одлука. Пратениците го имаат првиот и последиот збор, ако тие одлучат да го задржат ова решение јас ќе морам да го потпишам законот“,
вели претседателката.