Претседателката смета дека техничката влада, и покрај тоа што функционира, нема уставен основ. Таа вели дека постојат технички влади кои се формираат во амбиент на криза или пред избори, но тие се или експертски, со некој економист на чело на владата, или составени од бирократи

ФОТО: Принтскрин
Не мислам дека е добро да има предвремени избори, вели претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова. Нејзиниот став го оправдува со тоа што вели дека во земјава „имаме многу сериозни проблеми почнати за извршување и дека е добро да се завршат некои од нив“.
Сиљановска-Давкова ставот го изнесе во вечерашното гостување во „Тема на денот“ на телевизија Сител, надоврзувајќи се на нејзиното мислење за техничката влада, прашање за кое се разговараше на лидерската средба во средата, на која не присуствуваше лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
Претседателката смета дека техничката влада, и покрај тоа што функционира, нема уставен основ. Таа вели дека постојат технички влади кои се формираат во амбиент на криза или пред избори, но тие се или експертски, со некој економист на чело на владата, или составени од бирократи.
„Нашата влада се вика техничка, но ништо техничко нема во неа. Техничкото се врзува за стручност и компетентност, а никогаш за партиска припадност. Значи, ние имаме една препартиска изборна влада. Мора да кажам дека и покрај тоа што функционира, нема уставен основ. Кога реков препартиска, мислев на структурата. Обично внатре седат најоданите партиски луѓе и она што ја прави интересна за проучување и критика, зборувам во рамките на уставното право и политичкиот систем, се некои чудни функции од типот на дополнителни заменик-министри, дополнителни министри, со некои чудни овластувања“,
рече Сиљановска-Давкова.
Според неа, врз оваа влада чудна надлежност има Државната изборна комисија кога се работи за спорови врзани за финансиите, а во Изборниот законик, додава таа, нема ниту збор.
„Оваа влада дури и временски е ограничена. Инаку, таа има три члена, ги менува членовите од 44 до 51 и меѓу останатото пишува дека ќе се примени, аплицира во 2016 година. Но, се аплицираше неколку пати, не дојде на дневен ред на Уставниот суд и сега е сè уште жива. Ако тоа се толерирало и ако тоа е влогот, еве јас мислам дека дури и таков договор можеле bona fide, ама спротивно на законот и Уставот, уште на овие избори да спроведат“,
додаде претседателката.
Велејќи дека ѝ е позната реториката на сите партии и на Социјалдемократскиот сојуз, Сиљановска-Давкова рече дека ги помни неговите лидери кога велеле дека треба да се укине техничката влада.
„Врв на тоа дека техничката влада може да се перципира и законот да се применува како што сакате, според политичка волја, беше последниот случај. Во измените на Законот за владата пишува дека премиер ќе биде лидерот на партијата со најмногу гласови, со најмногу пратеници во Собранието. Тоа не беше почитувано“,
додаде таа.
Околу изјавите на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, дека техничката влада е гарант за слободни избори и дека ВМРО-ДПМНЕ ја презеле контролата врз сите институции, претседателката потсети дека премиерот уште пред да се одржи лидерската средба велел оти е подготвен и на следните избори „да поживее оваа влада“.
„Во Законот за влада има можност кога ќе дојдете на некоја од функциите што се одредени, да именувате не знам колку свои, што е директно спротивно на Изборниот законик каде има одредби дека не смеете, бидејќи никаде пред избори не треба да има вработувања, а овде има. Но, еве, не влегувам во таа сфера. Можеле да седнат. Јас колку што паметам премиерот уште пред да ја закаже оваа средба велеше дека ако се инсистира на тоа, еве да поживее оваа влада уште за овие избори, и тоа сме спремни да го направиме“,
рече Сиљановска-Давкова.
Прашана како гледа на лидерската средба, Сиљановска-Давкова изнесувајќи го своето мислење како професорка, рече дека тие средби ја јакнат силата на лидерите и на партиите, а ги слабеат институциите.
„Во поделено општество како што е нашето и во рамките на консоцијативната демократија што ја вградивме, не само во праксата туку и во Уставот, добро е понекогаш да се сретнат. Многу подобро одошто да разговараат со посредници. Амбиентот е поинаков, луѓето се однесуваат поинаку и тогаш мислам дека кога се надвор од очите на јавноста, успеваат да бидат поприродни. Резултатот го видовме – сите беа некако релаксирани, уверени дека следниот чекор ќе биде уште подобар. Мислам дека недостигаше и требаше таму да биде и лидерот на опозицијата, Венко Филипче“,
кажа претседателката.
На дополнително прашање дали тоа го гледа како негова грешка, Сиљановска-Давкова рече – да.
„Подобро е да седнете некого, подобро е да го чуете, подобро е да ги чуете и другите, па да дадете изјава“,
рече таа.
Таа порача дека е време да се креираат решенија во однос на измените на Изборниот законик, за што се разговараше на лидерската средба.
Битна измена во случајов вели дека би била околу начинот на трансформирање на добиените гласови во мандати и како ќе се третира државата – како една изборна единица или како поделена.
Како што посочи, вредноста на една изборна единица е еднаквоста на гласот, а општите интереси ќе дојдат до израз.
„Опасноста е да не стане центарот, бастионот, тврдината која за сè одлучува затоа што сме за една изборна едница. Но, ако има согласност, таа согласност беше дадена уште во 2016 година и потоа беше заборавена. Време е да седнат, уште една причина да седнат заедно и да креираат решенија, не на крајот на мандатот, туку на почетокот на мандатот. Не е само изборната единица, туку се и бројот на потписите што треба да се соберат за да може да има независни листи, тука е финансирањето, рекламирањето, препораките и на ОБСЕ и Венецијанската комисија, и мислам дека тоа може да биде добра подготовка за некои избори“,
рече Сиљановска-Давкова.
