Говорејќи за земјава, претседателката рече дека нашата цел е да ја забрзаме транзицијата кон економија со ниска потрошувачка на јаглерод во сите сектори, вклучувајќи ги енергетиката, транспортот, индустријата и земјоделството
Доколку не го одржиме глобалното затоплување под 1,5 степени до 2050 година, наместо за одржливост и раст, ќе треба да размислуваме за соодветни места за населување и опстанок, посочи претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, во своето обраќање на првата пленарна сесија на сегментот на високо ниво за шефови на држави и влади на Самитот за климатски промени – ЦОП 29 кој се одржува во главниот град на Азербејџан, Баку.
Заблагодарувајќи ѝ се на земјата домаќин за организирање на оваа, како што кажа, многу значајна конференција, македонската претседателка на самиот почеток кажа дека собирот доаѓа среде војна, онаа меѓу човештвото и природата.
„Добрата вест е, како што некои би рекле, тоа што агресорот веќе трпи големи загуби и најверојатно ќе ја изгуби војната. Лошата вест е тоа што агресорот е самото човештво, со неговите неодржливи производствени системи и потрошувачки навики. Во оваа војна против природата, најчесто страдаат невините, децата, ранливите популации и малите нации во развој“,
рече Сиљановска-Давкова, информираат од нејзиниот кабинет, од каде што интегрално го пренесуваат нејзиното обраќање.
Потсетувајќи дека земјава е сместена во еден од најранливите климатски региони во светот, Медитеранот, претседателката на државата во таа насока порача дека мора да ги приспособиме нашите безбедносни, одбранбени, енергетски, здравствени, туристички, водни, образовни и други системи на овој повеќедимензионален предизвик, кој исто така треба да ги вклучи жените, децата и младите.
„Ги поддржавме декларациите за унапредена акција во доменот на туризмот и за водата за климатската акција. Воедно, назначив експерт за климатски промени во нашиот национален Совет за безбедност и се приклучивме на Групата на пријатели за клима и безбедност“,
рече Сиљановска-Давкова.
Нашата цел е, како што кажа таа, да ја забрзаме транзицијата кон економија со ниска потрошувачка на јаглерод во сите сектори, вклучувајќи ги енергетиката, транспортот, индустријата и земјоделството.
За да постигнеме зелен раст, претседателката рече дека ќе инвестираме во зелени работни места и ќе ги преквалификуваме работниците од производството на енергија на база на јаглерод.
Одржливата енергетска транзиција, порача таа, мора да биде еколошки и општествено праведна.
„Со донесување закон за климатска акција ќе воведеме правна рамка за мониторинг, известување, верификација и акредитација. Истовремено, ќе донесеме ревидиран Закон за енергетика и нов закон за обновливи извори“,
кажа Сиљановска-Давкова.
Овие закони, како што наведе таа, го поддржуваат спроведувањето на предизвикувачкиот кластер „Зелена агенда и одржливо поврзување“ во преговорите за членство во Европската Унија, за што се потребни 3,1 милијарди евра за обновлива енергија и енергетска ефикасност.
Економскиот и инвестицискиот план и Зелената агенда за Западен Балкан, според Сиљановска-Давкова, обезбедуваат финансирање за ова и додаде дека без оглед на напредокот во процесот на пристапување во ЕУ, земјите треба да имаат постојан пристап до фондовите за климатска акција пред членството.
„Ни треба мировен договор, природен договор, како што би рекол Мишел Серес, за да престанеме да ја третираме природата како противник и да почнеме да се однесуваме кон неа како кон партнер. Парискиот договор, целите за одржлив развој се основата на тој мировен договор, на тој природен договор. Да ги спроведеме во согласност со принципот pacta sunt servanda (договрите мора да се почитуваат)“,
порача претседателката на државата заокружувајќи го своето обраќање.