Во соопштението од кабинетот на Сиљановска-Давкова се вели дека таа со задоволство ја примила информацијата од премиерот Санчез дека Шпанија е заинтересирана за зголемена економска соработка со Северна Македонија. Областите за соработка ги вклучуваат туризмот, инфраструктурата, земјоделството, енергетиката, соларната енергија и управувањето со водните ресурси

Евроинтеграциите на Северна Македонија биле дел од темите за кои разговарале претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез, на средбата што ја имале за време на учеството на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севиља.
Осврнувајќи се на евроинтеграциите на земјата, Сиљановска-Давкова, како што соопштуваат од нејзиниот кабинет, посочила на тешките македонски компромиси и истакнала дека тие треба соодветно да бидат вреднувани од Европската Унија. Таа додала дека влезот во ЕУ ќе биде корисен не само за земјите кандидати, туку и за самата Унија, која дополнително ќе ја стабилизира.
Претседателката ја оценила Шпанија како важен партнер на земјава во рамки на НАТО, ОН и ОБСЕ. Таа изразила благодарност до Владата на премиерот Санчез и Шпанија за нивната доследна поддршка на македонските аспирации за членство во Европската Унија.
Реафирмирајќи ја посветеноста на Северна Македонија кон евроинтегративниот пат, Сиљановска – Давкова ја повторила позицијата дека билатералните прашања не треба да бидат пречка во пристапниот процес. Имајќи ги предвид турбулентните геополитички процеси во светот, таа укажала на потребата од одржување на кредибилитетот на политиката на проширување. Претседателката нагласила дека регионот, кој историски, географски и културно припаѓа на ЕУ, треба што поскоро да се интегрира во европското семејство.

Во соопштението од кабинетот на Сиљановска-Давкова се вели дека таа со задоволство ја примила информацијата од премиерот Санчез дека Шпанија е заинтересирана за зголемена економска соработка со Северна Македонија. Областите за соработка ги вклучуваат туризмот, инфраструктурата, земјоделството, енергетиката, соларната енергија и управувањето со водните ресурси.
На средбата, двајцата соговорници разговарале и за соодветно одбележување на учеството на македонските борци во Шпанската граѓанска војна.
Вчера, Сиљановска – Давкова во обраќањето на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот порача дека пристапот до праведно финасирање е клучен услов за успех и за доверливи партнерства во справување со глобалните предизвици.
Инаку, Сиљановска-Давкова ја предводи македонската делегација, а во друштво на претседателката се и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и заменик-министерката за животна средина Ане Лашкоска.
Целта на лидерскиот собир во Севиља е изнаоѓање решенија за справувањето со финансиските предизвици во исполнувањето на целите за одржливиот развој и Агендата 2030, реформирање на меѓународната финансиска архитектура и поттикнување на инвестиции од страна на приватниот сектор. На конференцијата треба да биде усвоен заеднички документ „Договорот од Севиља“.