На средбата посочи дека македонската дијаспора треба да учествува во изборниот процес, како и во креирањето на најважните закони и одлуки
Не случајно сум тука денеска меѓу вас. Мислам дека вие сте нашите најдобри амбасадори. Вие во најубава светлина ја претставувате без оглед на верата. Затоа е многу важно да имаме постојани контакти. Еден од органите што набрзо ќе ги формирам со мојот тим е советот за соработка со дијаспората. Ова го најави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од Тотова во Њу Џерси, каде што ја посети црквата „Свети Никола“, во рамки на нејзиниот престој на Соединетите Американски Држави по повод учеството на 79. Генерално собрание на Обединетите нации.

На средбата посочи дека македонската дијаспора треба да учествува во изборниот процес, како и во креирањето на најважните закони и одлуки.

„Ова ќе биде првиот чекор за континуирана комуникација со дијаспората. Советите се добредојдени, помошта и разбирањето се добредојдени, ама ние и дома не смееме да заборавиме дека нашата дома е и ваша дома“,
вели таа.

Во Фрихолд, Сиљановска-Давкова ја посети џамијата во рамки на заедницата по потекло Дебар, каде што се сретна со тамошниот оџа Омер Кадри, но и со претставници на дијаспората што се по потекло од дебарскиот крај.

На средбите претседателката е запознаена со нивните активности и начините на организирање и интегрирање во рамки на американското општество.
Сиљановска-Давкова, како што соопштија од нејзиниот кабинет, денеска треба да се обрати на Самитот на иднината на тема „Мултилатерални решенија за подобро утре“, каде што државите членки на ОН треба да донесат пакт на иднината.