Средбата доаѓа на иницијатива на претседателката поради ставот на правниците оти постојниот закон за помилување предизвикува сериозни проблеми во процесот на помилување и дека има потреба од ново законско решение
Потребна е депотилитизирана и департизирана постапка за помилување на осудениците, како и носење на нов закон за помилување што ќе ги земе предвид искуствата од примената на актуелното законско решение и компаративните искуства и примери. Ова било констатирано на денешната четиричасовна средба меѓу претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и актуелни и поранешни членови на Комисијата за помилување.

Средбата доаѓа на иницијатива на претседателката поради ставот на правниците оти постојниот закон предизвикува сериозни проблеми во процесот на помилување и дека има потреба од ново законско решение.
„Неподелен беше ставот за потребата од деполитизирана и департизирана постапка за помилување. Мнозина од поранешните членови на комисиите за помилување го критикуваа рестриктивниот пристап на помилување. Во таа насока, беше предложено зголемување на опфатот на помилување, како по однос на бројот на помилуваните, така и во поглед на времетраењето. Сите учесници сметаат дека комисијата треба да остане отпорна на притисокот на јавноста, водена од оправданоста на сопствените одлуки за помилување. Членовите ја посочија и потребата за обезбедување механизми, преку индивидуален пристап комисијата изворно да се информира за состојбата на осуденикот и степенот на неговата ресоцијализација, независно од природата и висината на казната“,
информираат од кабинетот на Сиљановска-Давкова во врска со средбата.
На средбата било потенцирано дека помилувањето е човеково право на осудениците што мора да се почитува, а при негово спроведување не смее да постои политичко и партиско влијание. Во однос на самиот процес на помилување била истакната и потребата од координирана работа меѓу судот, Министерството за правда и Комисијата за помилување, со почитување на начелото на поделба на власта.
Меѓу соговорниците на средбата постои согласност дека носењето на нов закон за помилување треба да уследи по претходна експертска и широка јавна дебата.