На прашањето што е клучно во новиот закон и како тој треба да придонесе за реформите, таа рече дека една од најважните промени е воведувањето построги критериуми за тоа кој може да биде кандидат за член на Судскиот совет. Во претходното законско решение стоеше само одредницата „истакнат правник“, што според Сиљановска-Давкова е чудна синтагма која загубила секакво значење. Тоа, како што додаде, било главната причина зошто го чекала овој закон пред да предложи членови

Две жени реформаторки ќе бидат предложени за нови членови на Судскиот совет од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Таа го најави ова во вечерашното новогодишно интервју за првиот канал на Македонската телевизија.
Според Сиљановска-Давкова, едната од жените што ќе ги предложи е професорка, а другата е адвокатка и тие се, како што вели, со огромен углед во општеството.
Најавата на претседателката доаѓа еден ден откако во Собранието беше донесен новиот Закон за Судски совет, а таа рече дека го чекала неговото донесување за да може да ги предложи кандидатите според новите, построги критериуми предвидени во ова законско решение.
Таа не сакаше да ги објави имињата и најави дека ќе го стори тоа пред да стигне предлогот во Собранието.
„Вакацио легис е седум дена, осмиот ден ќе стапи во сила законот и веднаш ќе обзнанам, пред да дојде предлогот во Собранието“,
рече Сиљановска-Давкова.
На прашањето што е клучно во новиот закон и како тој треба да придонесе за реформите, таа рече дека една од најважните промени е воведувањето построги критериуми за тоа кој може да биде кандидат за член на Судскиот совет. Во претходното законско решение стоеше само одредницата „истакнат правник“, што според Сиљановска-Давкова е чудна синтагма што загубила секакво значење. Тоа, како што додаде, било главната причина зошто го чекала овој закон пред да предложи членови.
„Основната идеја беше да се креира еден рендгенски, микроскопски судски инструмент, во којшто ќе седат луѓе што се доближиле до врвот на правната професија, станале легитимни да ги оценуваат другите, да ги избираат, да ги казнуваат, да ги дисциплинираат. За тоа се потребни строги критериуми“,
рече претседателката во интервјуто.
Таа додаде дека се важни и одредбите што треба да доведат до департизација и деполитизација, јавност и транспарентност, како и поинаква организација на работата.
„Се разбира, самата законска рамка значи реформа, но значи создавање амбиент за реформи. Двајцата луѓе што јас ќе ги предложам не се волшебнички што веднаш можат да направат промени. Ама не заборавајте, сите ние се опкружуваме со луѓе слични на нас. Мислам дека ако имате умни, образовани и бунтовни жени, тоа може да биде реформски агенс“,
рече Сиљановска-Давкова.
Судскиот совет, како независно тело, брои 15 члена, од кои осум избираат активните судии, двајца се членови по функција (претседателот на Врховниот суд и министерот за правда – без право на глас), тројца избира Собранието, а двајца се избираат во Собранието по предлог на претседателот на државата. Се смета за клучно тело во судскиот систем на земјата, кое е одговорно да ги избира и разрешува судиите и претседателите на судови и ја оценува нивната работа.
Собранието вчера, со 73 гласа „за“ и еден „воздржан“ го донесе Законот за Судски совет. Главната цел на законските измени е да ги отстранат утврдените слабости во постојната правна рамка и да обезбедат пофункционален, транспарентен и отчетен Судски совет.
Клучни новини предвидени со законот се јавност во постапката за разрешување на претседател на Судскиот совет, прецизирање на критериумите за избор на „истакнат правник“ и воведување јавна расправа при избор на кандидатите за несудски членови со цел поголема транспарентност и одговорност.
Во условите за избор на членови што се наведени во новиот Закон, стои дека тие што ги избира Собранието, како и оние што се на предлог на претседателката, се од редот на универзитетски професори по право, адвокати, поранешни судии на Уставниот суд, поранешни судии на меѓународни судови и други истакнати правници.
