„Долго време се работи на нов Кривичен законик и според мене тој ќе биде клучен за судските реформи и се надевам дека час поскоро ќе биде донесен. Само од тие причини јас го потпишав овој закон, а по разговори со предлагачот, по разговори со Владата и по гаранциите дека навистина ова нема да значи дека сме го решиле проблемот и нема да значи одолговлекување на носењето на новиот Кривичен законик“, изјави денеска претседателката на државата
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, вели дека го потпишала Законот за измена и дополнување на Кривичниот законик како транзинциско решение додека не биде донесен целосно нов Кривичен законик кој, според нејзините очекувања, треба да биде готов наскоро.

Таа ова го кажа прашана за коментар на повиците од дел невладините организации кои побараа да не го потпишува Законот бидејќи со него се создава дополнителна институционална конфузија и натамошно уназадување во борбата со високата корупција.
Сиљановска-Давкова, пак, смета дека измените што Собранието ги донесе вчера биле неопходни за да се избегне правен вакуум, бидејќи решенијата од измените на КЗ донесени во 2023 г. биле на работ на уставноста.
„Јас на овие измени (донесени вчера н.з.) гледам како на еден правен феномен што не сме го применувале ние, а значи транзициски потег, привремено решение, што беше директно врзано за толкувањето на Уставниот суд дека ќе посегне по укинување, односно поништување, со што ќе се создаде правен вакуум“,
рече претседателката на државата.
Таа нагласи дека имала одредени забелешки на актуелните решенија, но дека по детални образложенија од предлагачите и Владата, одлучила да го потпише Законот, а дополнителна причина за одлуката да стави потпис било и тоа што за нив гласале и од опозициската СДСМ и што бројот на гласови е близу 80, односно до двотретинско мнозинство.
Според неа, иако измените не се совршени, тие претставуваат подобрување во однос на измените од 2023 година. Како клучни, претседателката ги наведе измените што се однесуваат на проектот „Безбеден град“, полово и родово базираното насилство и строга санкција за сообраќајните злоупотреби.
„Значи ги прифиќам овие измени само како транзициски, за да може да имаме исчекор најмногу во поглед на санкционирањето на една од најтажните македонски приказни, врзана за злоупотребите во сообраќајот, со жртви кои апсолутно не може да се толерираат повеќе, во врска со заштитата на жените, бидејќи тоа ми е многу битно, потоа во поглед на квалификуваните дела врзани за злоупотребата на службената положба и јавните набавки“,
рече Сиљановска-Давкова.
Но, како што додаде таа, измените на Кривичниот законик ќе ги толерира само во пресрет на чекањето на новиот Кривичен законик, на кој, како што што кажа, работи квалификувана група во која има и претставници од Европската Унија.
„Долго време се работи на него и според мене тој ќе биде клучен за судските реформи и се надевам дека час поскоро треба да биде донесен. Само од тие причини јас го потпишав овој закон, а по разговори со предлагачот, по разговори со Владата и по гаранциите дека навистина ова нема да значи дека сме го решиле проблемот и нема да значи одолговлекување на носењето на новиот Кривичен законик“,
изјави претседателката на државата.
Говорејќи за измените, таа рече дека се потребни дополнителни прецизирања и посигурни одредби во однос на делот за злоупотреба на службената положба и јавните набавки.
Платформата за борба против корупцијата преку писмо ја повика претседателката на државата да не го потпишува указот за прогласување на Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик кој вчера беше изгласан во Собранието, но тој со потписот на шефицата на државата веќе беше објавен во „Службениот весник на РСМ“ со датум од 28 јануари 2026 година.
Од Платформата во писмото наведоа дека ја поздравуваат потребата од интервенција во Кривичниот законик, особено по измените од 2023 година, но усвоените решенија, наместо да обезбедат правна стабилизација во преодниот период до донесувањето целосно нов Кривичен законик, сметаат оти создаваат дополнителна правна несигурност и ризик од институционална конфузија и натамошно уназадување во борбата со високата корупција.

Оттаму, меѓу другото, велат дека со измените на кривичните дела за злоупотреба на службената положба и несовесно работење се предвидуваат пониски максимални казни во однос на состојбата пред 2023 година, што директно влијае врз казнената политика и врз роковите за застарување на кривичното гонење за тешки облици на корупција и злоупотреба на јавната функција.
Вчера со 76 гласа „за“ и еден „против“ во Собранието беа изгласани измените и дополнувањата на Кривичниот законик што ги предложија пратеници од владејачкото мнозинство. Поддршка за Кривичниот законик дадоа и од пратеничката група на СДСМ, иако лидерот Венко Филипче рече дека имаат сериозни забелешки.
Законското решение не доби поддршка од пратеничката група на Левица, од каде што рекоа дека е лошо и ја уназадува состојбата од онаа што била во 2023 година.
Со предлог-измените, како што е наведено во образложението, треба да се исправат контроверзните интервенции во Кривичниот законик (КЗ) што претходната власт тајно ги утврди, а тогашниот собраниски состав ги донесе на 6 септември 2023 година.
Измените на КЗ донесени пред нешто повеќе од две години беа причина за застарување на кривичните дела со кои беа опфатени голем број поранешни функционери во случаите што ги отвори поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), а по чие згаснување во најголем дел ги презеде Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
Клучните измени тогаш беа направени во членот 353, со кој се опфатени кривичните дела од корпусот злоупотреба на службената положба и овластување, каде што се намалија казните, беа воведни горни граници и беше избришан еден став кој се однесуваше на кривичните дела во делот на јавните набавки.
