„Се надевам дека ова беше, реков, само една изјава и дека г. Ахмети и ДУИ, кои долги години, две децении биле во власта, научиле дека треба да се почитуваат институциите и дека судот е тој што ќе пресуди дали некој згрешил или не“, рече претседателката на државата
Притисок врз судството и веројатно момент на слабост. Вака претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова ја оценува изјавата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој минатата недела рече дека е подготвен да излезе на протести доколку поранешниот министер за економија и висок партиски функционер биде обвинет за трагедијата во Кочани.

Одговарајќи на новинарско прашање, претседателката на државата рече таа за разлика од Ахмети ќе ги мери зборовите оти не сака да се меша во судската власта.
„Меѓутоа знаете што, сите, па и г. Ахмети и ДУИ многупати се повикувале на независноста на судската власт, меѓутоа ваквиот говор всушност значи притисок врз судската власт. Не сакам да давам оценка на квалификацијата, веројатно е момент на слабост, не сакам да речам момент на искреност, но верувам дека 30 години потоа, а особено 20 години во власта треба да го почитуваме начелото на поделба на власта и партиите треба да се држат настрана“,
рече Сиљановска-Давкова.
Таа рече дека за нас како држава честопати велат дека не може да се направи разлика меѓу тенката линија каде завршуваат партиите, а каде почнуваат државните институциите.
Претседателката во овој контекст додаде и дека државите во кои партиите понекогаш се претставуваат како да се државни институции, а не се, се нарекуваат партитократии што, како што рече, не е демократски модел.
„Г. Ахмети многупати повикувал на ветинг, ветингот е во функција на квалитетно вршење на функциите вклучувајќи го и судот. Се надевам дека ова беше, реков, само една изјава и дека г. Ахмети и ДУИ кои долги години, две децении биле во власта научиле дека треба да се почитуваат институциите и дека судот е тој којшто ќе пресуди дали некој згрешил или не. Впрочем, не зборуваме само за еден човек којшто се нашол во судот, се разбира пресумпцијата на наивност важи за сите, па и за господинот (Бектеши н.з.)“,
рече претседателката на државата.
Лидерот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, во петокот рече дека доколку ексминистерот за економија Крешник Бектеши биде обвинет за трагедијата во Кочани, тој ќе излезе на улица и нема да се врати додека не испровоцира со локалните да се одржат и предвремени парламентарни избори. Тој посочи дека во секој момент како од шега може да извади на улица 10 илјади поддржувачи на ДУИ кои би протестирале секоја недела.
Коментирајќи ја изјавата на лидерот на ДУИ, премиерот Христијан Мицкоски вчера го повика Ахмети да извлече поука и наместо да се заканува со излегување на улица, да се фокусира на структурни реформи во својата партија.
Премиерот го советуваше Ахмети велејќи дека ако е мудар како што се претставува, да направи програмски и кадровски промени, да понуди нови ликови и нова програма, со цел да ја врати довербата на граѓаните.
Изјавата на Ахмети викендов ја коментираше и лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на македонија (СДСМ), Венко Филипче. Тој рече дека правото на протест е уставно загарантирано право, но не смета дека тоа треба да биде злоупотребено во политички цели.