Во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, претседателката вели дека самите кандидати имаат проблем бидејќи не веруваат оти шефот на државата може да има исто ниво на доверба во повеќе кандидати

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова е во дилема околу предлог-решението во работната верзија на законот за Судски совет, кое предвидува дека таа треба да предложи најмалку двајца кандидати за едно место во Советот. Во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, шефицата на државата вели дека самите кандидати имаат проблем бидејќи не веруваат оти претседателот може да има исто ниво на доверба во повеќе луѓе.
„Јас веќе разговарав со некои кандидати, бидејќи јас и во јули и сега имам една листа на кандидати со кои разговарам, за кои мислам дека се квалификувани. Она што кандидатите го забележуваат е следново. Дека претседателот не може подеднакво да има доверба во двајца. Тој ве бира затоа што мисли дека вие сте најдоброто решение за член на Судскиот совет, а вас ќе ве гласа или не Собранието. Второ, морам да укажам на следново. Во многу системи претседателите се тие кои не му предлагаат на Конгресот, на Сенатот… туку номинираат“,
изјави претседателката.

Kога ќе кажете некому – Ве предлагам вас, ама предложив и друг, реакцијата е – па извинете сега, подеднакво ни верувате, се дополнува таа.
Законот за Судски совет во работна верзија беше испратен во Венецијанската комисија, од каде, во меѓувреме, пристигна мислење за него. Но, засега е непознато во која фаза е носењето на законот, кога тој би поминал на владина седница и кога би бил испратен во парламентот.
Сепак, претседателката е децидна дека ќе постапува така како што ќе реши Собранието, иако смета дека претседателот треба директно да номинира членови на Судскиот совет, а не да дава предлози.
„Да нема избор. Ако сакаме да зборуваме за поделба на власта. Бидејќи изборниот легитимитет ни е ист. Вака, па мене ми личи дека има елементи од собраниски систем. Последниот збор секогаш да го имаат пратениците“,
рече Сиљановска-Давкова.
Сиљановска-Давкова сè уште не предложила наследник на Миљазим Мустафа, чиј мандат истече во јули годинава. Таа своевремено рече дека за предлог ќе го почека новиот закон за Судски совет. Во интервјуто повтори дека останува на тој став.
