Бугарскиот претседател Радев, се додава во соопштението од кабинетот на Сиљановска-Давкова, укажал на потребата од брзо решавање на отворените прашања, како и на потребата од воспоставување добри односи во сите области од заемен интерес за полесно меѓусебно разбирање
Унапредување на македонско-бугарските односи, надминување на отворените прашања меѓу двете држави, како и продлабочување и динамизирање на билатералната соработка во повеќе области од заемен интерес биле дел од темите за кои на маргините на Конференцијата за климатски промени – ЦОП 29 во Баку, разговарале претседателите на Северна Македонија и на Бугарија, Гордана Сиљановска-Давкова и Румен Радев.
За средбата информираа од кабинетот на Сиљановска-Давкова од каде што велат дека во едночасовниот разговор двајцата соговорници ги изложиле своите позиции во поглед на можните решенија за предизвиците на македонските евроинтеграции.
Сиљановска-Давкова, како што информираат од нејзиниот кабинет, ја подвлекла важноста од продолжување на билатералниот политички дијалог на сите нивоа. Притоа таа посочила дека треба да се почитуваат позициите и интересите на обете страни и оти решавањето на билатералните спорови треба да е во рамките на основните вредности и принципи на Европската Унија.
Според Сиљановска-Давкова, односите треба да се развиваат врз основа на заемно почитување, поддршка и активна соработка што ќе придонесе за јакнење на довербата и пријателството меѓу двата народа.
Бугарскиот претседател Радев, се додава во соопштението од кабинетот на Сиљановска-Давкова, укажал на потребата од брзо решавање на отворените прашања, како и на потребата од воспоставување добри односи во сите области од заемен интерес за полесно меѓусебно разбирање.
Бугарската национална телевизија (БНТ) пренесува дека Радев на почетокот на разговорот, заблагодарувајќи ѝ се на Сиљановска-Давкова за поканата, рекол дека средбата е важно продолжение на многу отворени и пријателски односи.
„Важно е што треба да си кажеме. Нашите разговори се многу пријателски и многу значајни. И многу ми е драго што ние заедно со вас можеме да го поставиме тонот на односите меѓу Бугарија и Северна Македонија“,
рекол Радев, пренесува од БНТ.
Според пишувањата на БНТ, Сиљановска-Давкова рекла дека претседателот Радев е најстабилниот елемент во државата.
На средбата, Радев посочил дека би бил среќен доколку луѓето од Бугарија и оние од Северна Македонија имаат поголема можност да комуницираат меѓу себе.
Во разговорот двајцата соговорници се согласиле за организирање на официјални посети на кои ќе се конкретизираат заложбите за подобра севкупна соработка меѓу двете држави.
Претходната средба двајцата претседатели ја имаа во септември годинава кога Сиљановска-Давкова во Софија присуствуваше на операта „Набуко“, во изведба на македонската Национална опера и балет.
Тогашната средба предизвика реакции кај македонската јавност поради отсуството на државното знаме на земјава на средбата во Софија.
Денеска, пак, Сиљановска-Давкова, како што пишува БНТ, изразила жалење што не било слушнато она што се разговарало со шефот на бугарската држава на средбата во Софија во септември.
Од кабинетот на претседателката Сиљановска-Давкова изјавија дека ќе побараат објаснување од бугарската страна оти, како што велат, иако не било предвидено да има фотографии во затворениот простор, но пред почетокот на тет-а-тет средбата, претседателот Радев ја поканил претседателката да направат заедничка фотографија пред бугарското знаме.
Бугарскиот амбасадор во земјава, Жељаско Радуков, беше повикан на разговор во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија каде од него беше побарано објаснување зошто бугарскиот претседател Румен Радев ја повикал претседателката Гордана Сиљановска-Давкова да се фотографираат пред бугарски знамиња, а притоа не биле поставено македонското.