Таа нагласи дека за сето она што тој го направил за медицината, науката, спортот, за меѓународниот углед на нашата земја, но и за македонската демократија, најмалку што може е да му се даде признание
Кардиологот и алпинист, Сашко Кедев, денеска беше одликуван од страна на претседателката Гордана Силјановска-Давкова со Орден „8 Септември“, за особени заслуги во медицината, не само дома, туку и во европски и светски рамки, како и за историскиот подвиг во алпинизмот како прв Македонец којшто ги искачил 14-те светски планински врвови над 8 000 метри надморска височина.

На вечерашното доделување во Македонската филхармонија, претседателката порача дека Кедев е човек чијшто персонален и општествен интегритет ги надминуваат границите на потесната стручна област и се интегрирааат во колективната меморија на државата и општеството.
„Сите го знаеме како врвен медицински авторитет, еден од пионерите и лидерите во развојот на интервентната кардиологија. Неговата личност ја красат благородноста, моралниот интегритет и хуманоста. Биографијата на академик Кедев е поучен пример за секој од нас, но и добар прирачник за идните генерации. Таа е доказ дека успесите не се ниту привилегија, ниту случајност, туку логична последица и заслужена награда за енормните, натчовечки напори на човек со голема буква“,
рече Силјановска-Давкова.
Таа нагласи дека за сето она што тој го направил за медицината, науката, спортот, за меѓународниот углед на нашата земја, но и за македонската демократија, најмалку што може е да му се даде признание.
„Не може да говориме за него, а да не го занемариме неговиот активен и видлив придонес за македонската демократија од првите денови на самостојноста и независноста до денес. Каде и да оди и што и да работи по светот, тој ја персонифицира на најдобар начин Македонија. Доказ за тоа е и неговиот статус на почесен конзул на Индонезија“,
рече претседателката меѓу другото.
Таа кажа дека Кедев е меѓу првенците – интервентни кардиолози на Универзитетската клиника за кардиологија, но и во другите центри во земјата, како и во бројни престижни меѓународни медицински институции, од Канада до Јужна Африка, што од него прави своевиден колумбовски или магелановски докторски профил.
Како што потецираше, секогаш кога е потребно гласно, чесно и одговорно да се проговори, тој е тука, дома, во Македонија.
Доктор Кедев во својот говор рече дека освојувањето на 14-те највисоки светски врвови го смета за национален успех.
„Тоа што ми даде сила беше токму тоа да го однесам македонското знаме и македонското име на сите врвови. Тој успех го посветувам на сите граѓани и сите Македонци каде и да се во светот“,
порача Кедев по одликувањето.
На доделувањето на Орденот, вечерва во Македонската филхармонија, присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски и министри од Владата, градоначалници, академици и голем број личности од општествениот живот.
