Иако не се задолжителни мислењата на Венецијанската комисија, Сиљановска-Давкова препорачува сите закони, кога се во нацрт-верзија, да се праќаат до Комисијата, зашто, како што рече, таму седат врвни правници и тие се борците и заштитниците на владеењето на правото, наместо владеењето на поединците

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова смета дека е добар потег што било побарано и добиено мислење од Венецијанската комисија за целиот пакет закони за реформите во судството. Таа вели дека веднаш по завршувањето на локалните избори законите мора да стигнат во Собранието бидејќи, како што нагласи, „не може да имаме реформи во судскиот систем без да имаме законски промени“.
Сиљановска-Давкова рече дека имало периоди кога државата била ревносна во поднесувањето барања за мислења од Венецијанската комисија, но и кога тоа воопшто не било правено. Сега Сиљановска-Давкова рече дека се израдувала што на дневен ред на Венецијанската комисија се нашло барањето за давање мислење за Законот за Јавното обвинителство и дека поминал законот.
„Да, информирана сум дека министерот за правда целиот пакет закони врзан за реформите во судството го пратил на Венецијанска комисија и добил мислења за тоа. Веднаш по завршувањето на локалните избори, мора да стигнат законите во Собранието бидејќи не може да имаме реформи во судскиот систем без да имаме законски промени и мислам дека тоа е еден добар потег“,
изјави Сиљановска-Давкова одговарајќи на новинарски прашања по одбележувањето на 15 Октомври – Меѓународниот ден на белиот стап.
Иако не се задолжителни мислењата на Венецијанската комисија, Сиљановска-Давкова препорачува сите закони, кога се во нацрт-верзија да се праќаат до Комисијата, зашто, како што рече, таму седат врвни правници и тие се борците и заштитниците на владеењето на правото, наместо владеењето на поединците.
„Мислам дека тоа е добар потег и од следнава причина. Веќе нема да се оценува само хармонизацијата со европското право, туку и имплементацијата и тогаш два органи добиваат клучна улога. Венецијанската комисија, како комисија за владеење преку право и ГРЕКО (Група на држави против корупцијата). Ние мора да се подготвиме за тоа“,
рече претседателката.
Таа посочи и дека Венецијанската комисија затоа и била создадена во 90-тите години, за да им помогне на државите што излегоа од комунизмот да посегнат по донесување на либерални устави и закони.
Венецијанската комисија даде мислење за двете предлог-законски решенија, што од неа во јули годинава го побара министерот за правда Игор Филков.
Една од клучните препораки што ги дава Венецијанската комисија е мандатот на јавниот обвинител да е без можност за повторен реизбор. Сепак, за оваа новина, како што наведуваат од Комисијата, се предвидуваат промени на Уставот, а не на Законот за Јавно обвинителство.
Комисијата препорачува менаџерските и организациските вештини да се вбројуваат во критериумите за позицијата јавен обвинител, да се предвиди дека секоја кривична пресуда што подразбира затворска казна го прекинува мандатот на обвинителите, како и да се бара Владата да достави јасно образложение до Собранието кога отстапува од мислењето на Советот на јавни обвинители за разрешување на јавниот обвинител.
Во однос на предлог-законот за Советот на јавни обвинители, Венецијанската комисија препорачува да се преиспита времетраењето на професионалното искуство за сите членови на Советот, како и да се предвиди дека обвинителските функции на обвинителите избрани за членови на Советот се суспендирани во текот на мандатот.
