Инаку, средбата на претседателите на двете земји доаѓа по серија заострени изјави од двете страни. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека е за одблокирање на евроинтегративните процеси и дека посветено ќе работи на таа агенда, но дека од бугарска страна треба да има партнер со кого ќе може да се комуницира
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска е во посета на Република Бугарија. Според најавите од нејзиниот кабинет, предвидено е во Софија да оствари средба со бугарскиот претседател Румен Радев и да присуствува на операта „Набуко“ од Џузепе Верди во изведба на Македонската национална опера и балет (НОБ) во Софиската опера и балет.
Во македонската делегација заедно со претседателката се и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за култура и туризам Зоран Љутков.
Патувањето на претседателката заедно со Националната опера и балет доаѓа откако таа во мај во Скопје присуствуваше на 52. издание на Мајските оперски вечери, на изведбата на „Валкира“ од Софиската опера и балет, што беше дел од 52. издание на Мајските оперски вечери.
Тогаш таа ја потенцира важноста и моќта на културната дипломатија, како нераскинлив дел од меѓународната дејност.
Присуството на Сиљановска-Давкова тогаш предизвика голем интерес во бугарската јавност.
Инаку, средбата на претседателите на двете земји доаѓа по серија заострени изјави од двете страни. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека е за одблокирање на евроинтегративните процеси и дека посветено ќе работи на таа агенда, но дека од бугарска страна треба да има партнер со кого ќе може да се комуницира.
Од бугарското МНР одговорија дека Софија останува отворена за дијалог, без разлика дали земјата ја води службена или редовна влада. Но, како што рекоа, тој дијалог не вклучува репреговарање на веќе преземените обврски од Скопје.
Претставници на македонската влада неколкупати изјавија дека очекуваат прво да се формира политичка влада во Софија, па да се отвори дијалог на повеќе нивоа.
Претставници на владата во Скопје повеќепати изјавија дека очекуваат формирање политичка влада во Софија за да се отвори дијалог на повеќе нивоа.
Пред неколку дена, Владата на затворена седница го избра новиот состав на комисијата за историски прашања со Бугарија. За претседател е назначен Ванчо Ѓорѓиев, професор на Факултетот за историја во Скопје. Во новата комисија нема да биде досегашниот претседател Драги Ѓорѓиев, кого премиерот Христијан Мицкоски го обвини дека не ги штител доволно националните интереси.