Пресвета Богородица, како заштитничка на мајките и децата, има особено место во нашите храмови и домови, а најмногу, во нашите срца – вели претседателката на државата по повод празникот Успение на Пресвета Богородица

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, по повод христијанскиот празник Успение на Пресвета Богородица, упати честитка до поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан, и до сите верници од православна вероисповед.
„Култот кон мајката Божја е сведоштво за нашиот непоколеблив дух и вера во неа, како и за важноста на мајчинството, безусловната љубов и семејните вредности. Пресвета Богородица, како заштитничка на мајките и децата, има особено место во нашите храмови и домови, а најмногу, во нашите срца. Не случајно, посетители на бројните цркви и манастири, посветени на Богородица, не се само христијани, туку и припадници на други религии. И годинава, празникот Успение на Пресвета Богородица ќе го поминеме заедно со најблиските“, се вели во честитката на претседателката на државата.
Во честитката, претседателката наведува дека очекува да ги надминеме духовната и морална криза и да им се вратиме на вистинските човечки вредности.