Сепак, како што наведува шефот на унгарската дипломатија, ова зголемување на испораките нема да може во целост да го замени недостигот на испораки од Хрватска
Унгарската нафтена компанија МОЛ ќе ги зголеми испораките на сурова нафта и гориво во Србија по стапувањето во сила на американските санкции кон српската Нафтена индустрија (НИС), изјави шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто.

„Бидејќи МОЛ игра важна улога во снабдувањето со сурова нафта и гориво за Србија, нашите српски пријатели можат да се потпрат на зголемени испораки од МОЛ“,
рече Сијарто во објава на социјалните мрежи, пренесе Ројтерс.
Сепак, како што наведува тој, ова зголемување на испораките нема да може во целост да го замени недостатокот на испораки од Хрватска.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вчера изјави дека реалната проценка е дека рафинеријата во Панчево може да работи до 1 ноември без дополнителен прилив на нафта, додавајќи дека кога станува збор за гориво, земјата нема да има проблеми до Нова година.
За време на своето обраќање до граѓаните, по повод воведувањето на американските санкции врз НИС, Вучиќ рече дека овој период може да биде подолг за пет или седум дена, но не и повеќе oд тоа.
Од јануари, кога НИС беше ставен на листата на санкционирани компании, САД го одложија спроведувањето на санкциите осум пати, сè до вчера (9 октомври) кога стапија во сила.
Нафтената индустрија на Србија (НИС) беше ставена на листата на санкции на САД на 10 јануари поради таканаречениот секундарен ризик, т.е. мнозинско руско сопствеништво.
Американските санкции имаат за цел, меѓу другото, да го спречат финансирањето на војната во Украина, преку пари што доаѓаат од руските енергетски компании.
Вучиќ претходно изјави дека Белград ќе разговара со Русија за решавање на санкциите против српската нафтена индустрија.
Тој вчера со доза на иронија на изјавата на хрватскиот министер за економија Анте Шушњар дека Хрватска е подготвена да ја купи Нафтената индустрија на Србија (НИС).
„Хрватска е заинтересирана да го купи НИС. Ви благодариме за тоа. Официјално ги информираме дека сме заинтересирани да ги купиме ХЕП, ЈАНАФ и сè, но тие дури не ни дозволија да го купиме ‘Краш’ кога сакавме“,
рече Вучиќ.