Според шефот на унгарската дипломатија, кој денеска е во работна посета на Скопје, во овој момент земјите членки на ЕУ кои искрено го поддржуваат проширувањето на Унијата со државите од Западен Балкан се малцинство
Блокадата од Бугарија не е единствената причина поради која Македонија се наоѓа во чекалната за влез во Европската Унија (ЕУ), вели министерот за надворешни работи и за надворешна трговија на Унгарија, Петер Сијарто. Според него, иако ставот на Унијата е дека го поддржува членството на земјите од Западен Балкан, сепак зад затворени врати земјите членки кои се искрени по ова прашање се малцинство.

„Бугарија навистина отворено ги попречува вашите настојувања за интеграција, но вие не чекате заради тоа 20 години во редот, заради тоа што Бугарите се спротивставуваат. Не лутете се, но морам да кажам дека ситуацијата во врска со тоа е многу потешка. Во овој момент оние држави членки во ЕУ коишто го поддржуваат проширувањето кон Западен Балкан се малцинство“,
изјави Сијарто на заедничката прес-конференција со неговиот македонски колега Тимчо Муцунски.
Говорејќи во овој контекст, шефот на унгарската дипломатија рече дека за време на унгарското претседавање со ЕУ вложиле силни напори да се забрза процесот на зачленување на Западен Балкан во Унијата, но постојано налетувале на ѕидови, кои, како што кажа, се градени од оние држави кои отворено го поддржуваат овој процес.
Својата земја Сијарто ја вброи во искрените поддржувачи на проширувањето, но поголемиот дел од членките, чии претставници доаѓаат во земјава со истата порака, според него, кажуваат само убави зборови, но зад затворени врати на состаноците во Брисел зборуваат поинаку.
„Вака јавно ви зборуваат со убави зборови колку многу го поддржуваат зачленувањето на Северна Македонија во Европската Унија. Но кога остануваме сами зад затворени врати, ние 27 земји членки, тогаш мнозинството веднаш почнува да зборува за тоа зошто не би можела ЕУ да се проширува кон Западен Балкан. Но, нормално, и во иднина тоа ќе го демантираат и во иднина ќе зборуваат многу убаво, но доколку сериозно мислат, не мислите ли дека 20 години треба да се чека на зачленувањето“,
рече Сијарто, кој е во работна посета на Скопје.
Осврнувајќи се во тој контекст на безбедносната ситуација на континентот, шефот на унграската дипломатија рече дека во моментот живееме во време на опасности, бидејќи во Европа или околу Европа се случуваат тешки вооружени конфликти и сите овие предизвици воедно ја зголемуваат потребата од проширување на ЕУ во правец на Западен Балкан и Источна Европа.
„Сигурни сме во тоа дека проширувањето на ЕУ во насока на Западен Балкан на повеќе начини придонесува и за самата ЕУ, бидејќи и самата Унија ќе профитира многу и во однос на безбедноста и во однос на економијата. И затоа сме разочарани што Брисел и западноевропските држави постојано ни поставуваат пречки пред прифаќањето на Западен Балкан во ЕУ“,
рече Сијарто.

Тој рече дека за Унгарија е неприфатливо тоа што Брисел сака екстра брзо да ја прими Украина во Европската Унија, додека во исто време постојано го попречува и отежнува членството на земјите од Западен Балкан кои се поподготвени и во подобра положба.
„Мислам дека нема човек со здрав разум на оваа земја кој би помислил дека Украина е во подбра општа состојба од која било држава од Западен Балкан“,
рече тој.
На прашање дали Унгарија ќе поддржи отворање преговори со Украина, Сијарто рече дека членството на Украина во ЕУ може да ѝ предизвика сериозни штети и потешкотии на ЕУ.
Ние не сакаме да увезуваме војна на територија на ЕУ. Не сакаме жито со лош квалитет од Украина да ја преплави ЕУ. Не сакаме Унгарија да биде шеталиште за украинската мафија, и не сакаме парите од унгарските граѓани да се праќаат во Украина“, рече Сијарто.
Во тој контекст, Сијарто го спомена и проблемот со унгарското малцинство во Украина, кое, како што наведе, изминатите десет години се соочува со ограничување на своите права, кои се дел од европските вредности.
„Тоа е територија под Карпатите и Украинците во изминатите десет години правата на ова унгарско малцинство чекор по чекор брутално ги укинуваа. Унгарското малцинство постојано е под ограничувања во користењето на мајчиниот јазик, постојано се ограничуваат нивните права на полето на образованието, јавната управа, медиумите. И доколку зборуваме за европските вредности, тогаш заштитата на националните малцинства е еден многу важен аспект во ЕУ и јас не можам да замислам една држава членка на ЕУ која отворено ги крши сите овие важни европски вредности. Така што, ние од наша страна велиме ‘да’ за зачленување на Западен Балкан, а ‘не’ за зачленување на Украина“,
рече Сијарто.