Претседателот на РКЕ смета дека ЕУ треба да покаже разбирање за земјава и другите држави од регионот и да ја пролонгира примената на механизмот за „јаглеродна такса“ за извесен период

Од 1 јануари Европската Унија започнува со примена на таканаречениот СИБАМ што во практика значи воведување „јаглеродна такса“, што сериозно ќе влијае на извозот на електрична енергија и на други производи од Македонија кон ЕУ.
Ова во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 го изјави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски.
СИБАМ, кој е алатка на ЕУ за заштита на сопствениот пазар и поттикнување почисто индустриско производство во држави вон Унијата, се однесува на шест групи производи: цемент, алуминиум, ѓубрива, железо и челик, водород и електрична енергија.
Бислимоски вели дека ваквата давачка особено ќе ги погоди производителите на струја од фосилни горива, бидејќи ќе ја направи нивната електрична енергија неконкурентна на европскиот пазар. Тој посочи дека Македонија, како и поголемиот дел од регионот, не успеала доволно да го искористи транзициониот период од 2023 до 2025 година за подготовка.
„Не само ние, и другиве земји од регионот не се нешто понапред“,
рече претседателот на Регулаторна, коментирајќи ја регионалната подготвеност за новите правила.
Клучен услов за „јаглеродната такса“ при извоз во ЕУ е формирање национално валидационо тело, кое ќе утврдува од кои извори е произведена електричната енергија или индустрискиот производ.
Според Бислимоски, производителите што користат обновливи извори би биле изземени од плаќање, додека оние што користат јаглен или гас би плаќале, но средствата би останувале во државата.
„Вие што произведувате јаглен ќе плаќате толку, но тие пари ќе одат во посебен фонд. Нема да одат кај странски трговци, ќе си остануваат во Македонија“,
изјави тој.
Фондот би поддржувал инвестиции во почисти технологии.
Сепак, процедурата за воспоставување вакво валидационо тело, според неговите информации, не е завршена ниту во Македонија, ниту во соседните земји.
Бислимоски укажа и на, како што рече, контрадикторниот пристап на ЕУ, која од една страна бара интеграција на енергетските пазари, а од друга, воведува механизам што ја прави регионалната енергија неконкурентна.
„И ЕУ е малку сама по себе контрадикторна. Вели спојте ги пазарите, ама видете со СИБАМ-от“,
забележува претседателот на Регуларотната комисија, додавајќи дека иако обврските се јасни, за регионот би било потребно одредено олеснување во наредните една до две години.
На прашањето дали постојат сигнали дека Брисел може да покаже разбирање и да го одложи или ублажи применувањето на СИБАМ, Бислимовски одговори дека засега нема такви информации.
„Значи остануваат на тоа дека од 1 јануари ќе почне да се применува СИБАМ-от“,
рече тој, оставајќи отворена можност за развој на настаните во наредните денови.
Помеѓу другите фактори, ЕУ го воведе CИБАМ како дел од „Fit for 55“ пакетот политики за борба против климатските промени и остварување на целта за намалување на нето-емисиите од најмалку 55% до 2030 година. Целта е исто така, да се спречи префрлање на индустриите со високи емисии во земји со пониски стандарди за животната средина, каде што производството е „поевтино“ затоа што нема слични трошоци за јаглерод.
