По Филипче, Царовска е втората од четворицата досегашни потпретседатели на СДСМ за кои е извесно дека веќе нема да бидат министри, додека Спасовски и Битиќи велат дека одлуката за тоа дали ќе останат во Владата ќе ја донесе новиот мандатар
Донесов одлука да не учествувам во новата Владата со новиот мандатар, соопшти денеска министерката за образование и наука Мила Царовска, во изјава за медиумите при посетата на Факултетот за земјоделски науки и храна.
„Во изминатите пет години, заедно со мојот тим, навистина испорачавме политики во интерес на граѓаните. Јас продолжувам да се борам и да се застапувам за истите вредности и за истите политики и навистина верувам во капацитетот и силата на државата, како и во силата на жените и младите“,
рече Царовска.
Повлекување од министерската функција во новиот состав на Владата во петокот најави и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, доскорешна заменик-претседателка на СДСМ.
Царовска е втора од досегашните потпретседатели на СДСМ за кои станува извесно дека нема да учествува во владата што ќе ја формира новиот лидер на партијата, Димитар Ковачевски, откако Зоран Заев, како што најави, оваа седмица ќе ја поднесе премиереската оставка во парламентот.
Во претходната влада на Заев, Царовска беше министерка за труд и социјална политика, а во преодната влада, пред изборите минатата година, беше вицепремиерка за економски прашања.
Од функцијата заминува и министерот за здравство Венко Филипче, кој во мај годинава, исто така, беше избран за потпретседател на СДСМ, покрај Царовска и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски и вицепремиерот Фатмир Битиќи
Во ресорот образование треба да биде назначен и нов заменик-министер откако оставака даде Арафат Шабани од движењето Беса.
Заменик-министерот за образование ќе биде од редовите на Алтернатива. Партијата за тоа место го предложи Лулзим Алиу.