Проекциите на телевизијата покажуваат дека поранешниот претседател на САД ќе ја однесе победата и во сојузната држава Висконсин, која важи за една од клучните во изборната трка и која носи 10 електорски гласа
Републиканскиот кандидат Доналд Трамп ќе биде новиот 47. по ред претседател на Соединетите Американски Држави (САД), објави Си-ен-ен.
Според проекциите на американската телевизија, Трамп освоил 276 од потребните 270 електорски гласа, наспроти 223, колку што има неговата противкандидатка од редовите на демократите, актуелната потпретседателка на САД, Камала Харис.
Пресудни за конечниот исход од претседателскиот избори во САД се електорскките гласови што ги дава Електорскиот колегиум. Станува збор за вкупно 538 електорски гласа и за да победи на изборите еден од кандидатите мора да освои најмалку 270, маргина што според проекциите на Си-ен-ен, Трамп веќе ја има надминато подобрувајќи ја својата позиција во однос на Харис во државите во кои се пребројани најголем дел од гласовите.
Проекциите на телевизијата покажуваат дека поранешниот претседател на САД ќе ја однесе победата и во сојузната држава Висконсин, која важи за една од клучните во изборната трка и која носи 10 електорски гласа.
На изборите пред четири години, актуелниот претседател Џо Бајден успеа да го врати Висконсин во сино (бојата на демократската партија) со помалку од еден поен, откако претходно во 2016 година Трамп однесе тесна победа во оваа сојузна држава. Тогаш Трамп успеа да ја прекине низата од седум последователни победи на кандидатите на демократите во Висконсин.
Трамп ќе се врати на највисоката функција во земјата, четири години откако го поттикна насилниот бунт во американскиот Капитол како дел од обидот да се задржи на власт, по одбивањето да ги прифати резултатите од изборите во 2020 година, потсетува Си-ен-ен.
Според телевизијата, изборот на Трамп претставува правна ситуација без преседан бидејќи новоизбраниот претседател го очекуваше пресуда пред кривичниот суд во Њујорк овој месец за 34 кривични дела за фалсификување деловни книги. Тој, исто така, се соочува со други кривични пријави поднесени од специјалниот советник Џек Смит во тековниот случај за субверзија на федералните избори. Кривичните постапки, самиот Трамп ги постави како едно од главните точки во неговата кампања оваа година, тврдејќи дека бил неправедно гонет.
Седумдесет и осумгодишниот Трамп, исто така, ќе стане вториот поранешен претседател во историјата на САД кој ја освоил Белата куќа, откако во претходниот изборен циклус ја изгубил кандидатурата за реизбор додека бил на функцијата. Првиот е Гровер Кливленд кој бил 22. и 24. претседател на САД кој служел од 1885 до 1889 (прв мандат) и од 1893 до 1897 (втор мандат).
Друг интересен момент е што Трамп сега е на иста возраст како и Бајден кога актуелниот претседател стана најстариот претседател во историјата на САД што бил инаугуриран.
Изборот на поранешниот претседател доаѓа неколку месеци по преживеаните два обиди за атентат, на што тој алудираше и во својот победнички говор.
„Многу луѓе велеа дека Господ ми го поштеди животот со причина, а таа причина беше да ја направиме Америка повторно голема. Задачата нема да биде лесна, но ќе го искористам секој дел од мојата сила за да го постигнам тоа. Ова е најважната работа во светот. Првиот мандат беше одличен, имавме мото ‘Дадени ветувања, исполнети ветувања’. Ќе ги исполнам ветувањата. Сакам секој граѓанин да ми се придружи, време е да ги оставиме поделбите од изминатите четири години. Да се обединиме. Го видов тоа во првиот мандат кога луѓето почнаа да се обединуваат, ќе почнеме со ставање на Америка на прво место, за да ја поправиме. Ова е голема чест, нема да ве изневерам, Америка ќе биде поголема, помоќна, посмела. Господ да ве благослови. Ви благодарам многу“,
рече Трамп во обраќањето пред своите поддржувачи на неговиот имот во Мар-а-Лаго, во Флорида.