Разговорот меѓу 72-годишниот кинески лидер и неговите колеги од Русија и Северна Кореја беше снимен на видео во живо додека одеа еден до друг кон платформата за да ја гледаат големата воена парада на Кина на плоштадот „Тјенанмен“, објави Си-ен-ен
Кинескиот лидер Си Ѓинпинг беше фатен како зборува за можноста да живее до 150 години кога во средата, микрофонот за време на состанокот со рускиот претседател Владимир Путин и севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, остана вклучен, објави Си-ен-ен.

Разговорот меѓу 72-годишниот кинески лидер и неговите колеги од Русија и Северна Кореја беше снимен на видео во живо додека одеа еден до друг кон платформата за да ја гледаат големата воена парада на Кина на плоштадот „Тјенанмен“, објави Си-ен-ен.
Парадата официјално требаше да ја одбележи 80-годишнината од поразот на Јапонија во Втората светска војна, но многу западни набљудувачи ја оценија како демонстрација на воената моќ на Кина и клучните партнерства што го предизвикуваат светскиот поредок предводен од САД.
Овој редок момент со вклучен микрофон се случи веднаш по групната фотографија на 26 меѓународни лидери собрани во Пекинг, се вели во текстот.
По фотосесијата, Си, Путин и Ким ја поведоа групата до нивните места, зборувајќи преку преведувачи во разговор кој делумно беше снимен од микрофоните.
Аудиото понекогаш се прекинува, но на почетокот се слуша како Си му вели на Ким на мандарински:
„И јас сум многу среќен. Помина долго време откако последен пат се сретнавме.“
Ким, преку преведувач, одговара дека поминале шест години откако последен пат се сретнале, наведува Си-ен-ен.
Подоцна во снимката се слуша како Си на својот мајчин јазик вели:
„Сега луѓето во седумдесеттите години се сè уште млади.“
По широкиот кадар на тројцата лидери, се слуша руски преведувач како му ги пренесува зборовите на Си на Путин:
„Во минатото, луѓето ретко живееја над 70 години, но денес, на 70…“.
Звукот ослабнува, но реченицата завршува со: „сè уште дете“, објави Си-ен-ен.
Неколку моменти подоцна, додека се искачуваат кон подиумот на плоштадот „Тјенанмен“, се слуша мандарински преведувач, веројатно преведувач за Путин, како му вели на Си:
„За неколку години, со развојот на биотехнологијата, човечките органи ќе можат континуирано да се трансплантираат, така што (луѓето) ќе можат да изгледаат сè помлади, па дури и да станат бесмртни“,
објави Си-ен-ен.
Потоа Си вели:
„Се предвидува дека во овој век луѓето би можеле да живеат до 150 години“.
Руски преведувач му го пренесува ова на Путин, грубо повторувајќи ја истата реченица:
„Постојат предвидувања дека во наше време луѓето ќе живеат до 150 години“,
вели преведувачот.
Путин подоцна им потврди на новинарите, објави Си-ен-ен, дека двајцата разговарале за можноста да живеат до 150 години.
„Современите средства за лекување и медицинските помагала, различните хируршки методи поврзани со замена на органи, му овозможуваат на човештвото да се надева дека активниот живот ќе биде продолжен, а не да остане каков што е денес. Просечната возраст варира од земја до земја, но сепак, очекуваниот животен век значително ќе се зголеми“,
рече Путин, пренесе Си-ен-ен.