Официјални претставници на Тајванската Влада за реномираниот американски медиум „Си-ен-ен“ потврдиле дека Пелоси ќе го посети Тајван како дел од нејзината азиска турнеја и покрај бројните предупредувања од страна на Кина дека евентуалната посета ќе предизвика сериозен политички импакт.
Според информациите до кои стигнал „Си-ен-ен“, Пелоси се очекува да остане во Тајван едно деноноќие, но засега се уште останува непознато кога точно таа би слетала во главниот град Тајпеј. Посетата доаѓа во време кога релациите помеѓу Кина и САД се на многу ниско ниво, а деновиве, Кина неколкупати предупреди дека планираната посета на Пелоси на островот кој Кина го смета за своја територија ќе предизвика сериозен политички импакт но и дека кинеската армија „ нема да седи со скрстени раце“ доколку Пекинг смета дека е загрозен суверенитетот и територијалниот интегритет на земјата.
„Би сакале да испратиме порака до САД дека Кина е на готовс, и кинеската армија нема да седи со скрстени раце. Кина ќе преземе сериозни контрамерки за да го заштити својот суверенитет и територијален интегритет. За тоа какви мерки ќе се преземат, ќе мора да почекаме и да видиме доколку Пелоси се осмели да оди“,
изјави портпаролот на кинеското министерство за надворешни работи, Жао Лиџијан.
Инаку, претседателката на Претставничкиот дом Пелоси, денеска ја започна својата азиска турнеја откако пристигна во Сингапур. Таму предвидено е да оствари средби со претседателот Халимах Јакоб и премиерот Ли Сејлунг. Во официјалната агенда за нејзината турнеја, покрај Сингапур, се очекува таа да ги посети Малезија, Јужна Кореја и Јапонија каде ќе оствари средби со високи претставници од секоја држава, а главни теми на разговор се очекува да бидат трговијата, климатските промени, „демократското владеење“ како и пандемијата со „Ковид-19“ која повторно се враќа на голема врата. На агендата, Тајван не е наведена како држава која ќе биде посетена од страна на Пелоси.
Проблемот со Тајван останува едно од најсензитивните прашања во односите помеѓу САД и Кина. Претседателите на двете земји Џозеф Бајден и Си Џинпинг во четвртокот остварија телефонски разговор во траење од два часа и седумнаесет минути на кој тема на разговор била токму островската земја.
Иако американскиот претседател Бајден, претходно истакна дека американската војска смета дека тајмингот за евентуална посета на Тајван не е добар, од Белата Куќа велат дека финалната одлука за евентуалната посета ќе ја донесе самата Пелоси која до овој момент ниту ги потврди ниту ги демантираше гласините. Доколку таа се одлучи да го посети Тајван, ќе стане највисокиот претставник од САД кој ја посетил државата во последните 25 години.