Суровикин не е виден во јавноста од минатата сабота, кога објави видео во кое му вели на шефот на „Вагнер“, Евгениј Пригожин, да го прекине бунтот. Оттогаш, како што пренесува Си-ен-ен, неговата локација е непозната

Рускиот генерал Сергеј Суровикин бил таен ВИП-член и имал личен матичен број на приватната платеничка група „Вагнер“, пренесува Си-ен-ен според документите до кои дојде.
„Документите, до кои дојде рускиот истражувачки центар за досиеја, покажаа дека Суровикин имал личен регистарски број кај ‘Вагнер’. Суровикин е наведен заедно со најмалку 30 други високи руски воени и разузнавачки функционери, за кои центарот за досиеја рече дека се исто така ВИП-членови на ‘Вагнер’“,
пренесува Си-ен-ен.
Суровикин не е виден во јавноста од минатата сабота, кога објави видео во кое му вели на шефот на „Вагнер“, Евгениј Пригожин, да го прекине бунтот. Оттогаш неговата локација е непозната.
Суровикин, наречен Генерал Армагедон од руските медиуми поради неговата наводна немилосрдност, е ветеран од руските војни во Чеченија и Сирија, кој беше одликуван од рускиот претседател Владимир Путин.
Вчера весникот „Москва тајмс“ и еден руски воен блогер пренесоа дека по најавената чистка на воените службеници по краткотрајниот бунт на платеничките сили на „Вагнер“, руските власти, наводно, го уапсиле генералот Сергеј Суровикин.
Цитирајќи два извори блиски до руското Министерство за одбрана, онлајн весникот на руски јазик „Москва тајмс“ објави дека Суровикин бил уапсен затоа што, како што наведува еден од неименуваните извори, „застанал на страната на шефот на ‘Вагнер’, Евгениј Пригожин за време на бунтот“.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на новинарско прашање да ја разјасни ситуацијата со Суровкин, како што пишува Си-ен-ен, ги упатил за тоа да го контактираат Министерството за одбрана.
Но, руското Министерство за одбрана сè уште не ги коментира извештаите за приведувањето на Суровикин.
Исто така, „Вагнер“ не одговорил на прашањето на Си-ен-ен што подразбира членството во ВИП во „Вагнер“ вклучително и дали има финансиска корист.