Концентрацијата на силите околу Украина е многу невообичаена и е една од причините поради кои САД веруваат дека Русија е подготвена да нападне, рекол соговорникот на американската медиумска групација
Според најновата проценка на американското разузнавање, Русија сега има близу 75 отсто од своите конвенционални сили распоредени околу Украина, изјавил за Си-ен-ен американски функционер поврзан со разузнавањето.
Концентрацијата на силите околу Украина е многу невообичаена и е една од причините поради кои САД веруваат дека Русија е подготвена да нападне, рекол соговорникот на американската медиумска групација.
Ова вклучува околу 120 од вкупно проценетите 160 тактички групи на баталјони кои се позиционирани на 60 километри од Украина, според официјалниот претставник. Иако таа бројка претставува 75% од главните борбени единици на Русија, таа е помалку од половина од вкупните трупи во руската војска.
Американските власти објавија дека руските војници во комбинација со сепаратистичките сили би можеле да достигнуваат и до 190 000 распоредени околу Украина.
Околу 35 од 50 познати баталјони за противвоздушна одбрана се распоредени кон Украина. Дополнително, САД проценуваат дека околу 500 борбени авиони и ловци-бомбардери се во домет на Украина, како и 50 средни до тешки бомбардери. Заедно, руските сили сега значително ги надминуваат украинските воени сили, според проценката.
Од Си-ен-ен нагласуваат дека не се во можност независно да ги потврдат проценките на разузнавањето.
Во четвртокот британското Министерство за одбрана објави оценка во која се вели: „Русија има над половина од својата копнена борбена моќ во близина на украинската граница“.